Кај беше Мијалков, тоа вие треба да ми кажете. Сѐ си мислам во белата палата беше. Зошто да не, слушам до ден-денес за него се чуваат простории, и за него и за Груевски, изјави Заев на прашањето од пратеникот Александар Николовски за бегството на Сашо Мијалков.

Тој и денес тврдеше дека активностите на власта се тие што го принудиле Саши да се пријави.

Заев и додаде дека не е одговорно да се тврди дека Мијалков бил надвор од државата.

– Сите докази што се запленети во цела постапка покажуваат дека неделата излегува од „Мериот“, половина час е околу хотелот со женско лице и уште тројца, попладне оди кон „Тодор Александров“- 69, каде што му е едно од живеалиштата, до доставување на налогот бега од својот дом, веројатно во соседни објекти, соседно маало, но е тука. И тоа е јасно. И сега тврдењето дека за два дена има договор дека власта го пушти, дека Заев се договорил, дека организирано е бегството од владејачката коалиција, испадна дека не е така. Еве го Мијалков е во домашен притвор, после 40 часа и каде е одговорноста на опозицијата за овие тврдења? Ви беше страв да му го кажете името и презимето на Мијалков, додека не почнаа да пукаат бомбите. Ви беа милички функциите. И сега, ај што токму тие ве поставиле, ај што излажавте, на крајот требало власта да понесе одговорност, а опозицијата што? – рече Заев.

Според премиерот Заев, целиот овој амбиент, како што рече, ја испрати пораката вчера дека може системот да биде ставен во функција, почитувајќи ги сите донесени закони, секој да ја одработи својата работа за да не му се исплати некој да бега од одговорноста, да ја напупшта државата или да се крие.

– Затоа Мијалков се предаде, заради тоа што нема начин како да се исплати или реализира самото бегство. Уште еднаш тврдам дека во мала земја како нашата, посебно за некој што бил директор на УБК долги години, не е тешко да слушне дека некој побарал притвор, за да може да се крие 40 часа. Четириесет часа може и некој ситен џепарош, криминалец да се скрие, ама тој ќе биде пронајден ако системот функционира – рече Заев.