Заев: Отворивме шанси за сите, родовите перспективи се дел од политикитe на Владата

Како што соопшти владината прес-служба Заев истакнал дека е многу важно што во Република Македонија се случуваат промени кои ја носат жената на заслуженото место

Посебно владино тело за родова рамноправност, мрежа на стандардизирани институции чија обврска е заштита од домашно насилство, Регионален родов омбудсман, како и создавање Регионална политичка академија најави денеска премиерот Зоран Заев на Панел - дискусијата на ОН насловена „Женско лидерство и политичко учество – пат кон еднаквост" во организација на Канцеларијата на ОН – Жени (UN Women), во партнерство со Амбасадата на Шведска и Правниот факултет „Јустинијан Први" - Скопје.

Како што соопшти владината прес-служба Заев истакнал дека е многу важно што во Република Македонија се случуваат промени кои ја носат жената на заслуженото место. Обраќајќи им се на присутните, тој посочил дека се случуваат промени што ја носат жената на заслуженото место во опшествено – политичкиот живот.

- Ја имате мојата поддршка како премиер на Република Македонија. Тука сум да ви ја пренесам и поддршката што ја дава Владата за политичко учество на жените, со цел да ја развиеме родовата еднаквост како еден од чинителите на демократијата, порача Заев.

Посочи дека родовата еднаквост е законска обврска, дел од Програмата на Владата, 2017 – 2020 година, како и обврска од Агендата за одржлив развој до 2030 година.

- Работиме, заеднички, жени, мажи, различни по многу основи, но сплотени во определбата да ги охрабриме жените и да го зголемиме нивното учеството во политичкиот, економскиот и јавниот живот, рече Заев.

Најави посебно владино тело за родова рамноправност, што ќе се грижи за имплементација на родовите перспективи во креирањето на политиките и буџетите, додавајќи оти е започнат и процесот на ратификација на Конвенцијата на Советот на Европа за спречување и борба против насилството врз жените и домашното насилство од 2011 година (Истанбулска конвенција).

- Ќе воспоставиме мрежа на стандардизирани институции чија обврска е заштита од домашно насилство, ќе предложиме нов Закон за родово базирано насилство и измени на Кривичниот закон, ќе воведеме програми за помагање на развојот на жените претприемачи, посебно во руралните области, ќе се заложиме за вклучување на родовата перспектива во колективното договарање на сите нивоа, истакна македонскиот премиер.

Најави и Регионален родов омбудсман, како и создавање Регионална политичка академија за градење капацитети на политичките партии, финансирана преку ИПА, чиј домаќин би била Македонија.

- Веќе претставивме е-модули за родова еднаквост, подготвени со поддршкана UN Women, задолжителни за сите административни службеници. МОН ги повлече учебниците по граѓанско образование со стереотипи по родова основа, се заложивме за заедничко користење на родителско отсуство на двајцата родители за првите три месеци, односно 3 до 6 месеци во случај на раѓање близнаци/тројки. Граѓаните, домашната и меѓународната јавност веќе имаат можност да видат зголемен број жени вклучени во политиката и во општественото живеење во Македонија, министерки, обвинителки, пратенички, градоначалнички, рече премиерот Заев.

Поврзани

Најнови вести

Коментари