logo
logo
logo

Заев од Брисел: Го очекуваме тоа што ни е ветено

Vecer | 18.05.2021

Заев од Брисел: Го очекуваме тоа што ни е ветено


Премиерот Зоран Заев, допатува во Брисел каде што вечерва, на покана на потпретседателот на Европската комисија и висок претставник за безбедносна и надворешна политика на ЕУ Жозеп Борел, ќе присуствува на заедничката работна вечера со лидерите на земјите од Западен Балкан на која ќе се разговара за актуелни прашања за регионот во контекст на напредокот на земјите во процесот за нивно пристапување во ЕУ.

Во изјавата што ја даде непосредно пред средбата со потпретседателот на Европската комисија и висок претставник за безбедносна и надворешна политика на ЕУ Жозеп Борел, премиерот Заев истакна дека доаѓа со пораките што лидерите на институциите на Европската Унија добро ги знаат, ги разбираат и одобруваат.

„Република Северна Македонија ги заврши сите свои обврски што произлегуваат од листата со критериуми за почеток на завршниот преговарачки процес за пристапување во членство во Европската Унија. Тоа Европската комисија го препозна и во нејзините извештаи за напредокот на земјата до Европскиот совет и до лидерите на земјите членки на ЕУ многу јасно стави до знаење дека земјата има безусловна препорака за почеток на преговорите“, нагласи премиерот Заев.

Тој додаде дека Северна Македонија многу сработи, дека испорача и дека сега е време и ЕУ да го испорача ветеното кон нас и тоа без одлагање. Заев рече дека очекува одлука за прифаќање на преговарачката рамка и одржување на првата меѓувладина конференција со ЕУ и со тоа да го официјализираме почетокот на преговорите уште во мандатот на португалското претседателство со Унијата.

„Претставниците на ЕУ знаат и разбираат дека нашиот македонски идентитет и македонскиот јазик не се и никогаш нема да бидат за преговори. Знаат и разбираат дека тоа ниту било, ниту треба да биде на европската маса за преговори за членство на Северна Македонија во ЕУ“, потенцираше Заев .

Заев дополни дека Северна Македонија во секој момент е подготвена и има апсолутно добра волја за прашања од билатерален карактер да разговара со Бугарија во секое време без тоа да влијае на нашето пристапување во Европската Унија, велат од неговиот кабинет.

Со лидерите на земјите од Западен Балкан имаме неподелен став, истакна премиерот Заев, дека ЕУ не може да смета дека е целосна без регионот и дека секое одлагање на процесот на вклучување на земјите од Западен Балкан ја доведува во прашање неколку пати повторуваната определба на ЕУ за проширување и кредибилитетот на Брисел меѓу нашите граѓани, стои во писменото соопштение.


makfax.com.mk

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk