Заев: Нема да има лидерска средба за името

Нема да има лидерска средба за прашањето за името заради тоа што немаше некој посебен исчекор во Охрид на средбата меѓу министрите за надворешни работи на Македонија и на Грција, изјави премиерот Зоран Заев. Тој рече дека најверојатно ќе има само меѓусебно информирање меѓу него, министерот за надворешни работи Никола Димитров, претседателот на државата и на шефот на опозицијата.

„Нема да има лидерска средба заради тоа што тие заклучуваат дека навистина нема нешто толку значајно коешто би било основ за лидерска средба, ние тоа го почитуваме, за нас е важно да бидат сите информирани и секако да ги споделиме идеите за следните стратешки чекори. Редот е не само да се информираме туку и взаемно да консултираме, стратегиите и чекорите којшто ќе ги преземеме за да конечно очекуваме национално единство и консензус поприличен во државата по вака важни прашања“, рече Заев.

Во врска со пишувањата во грчките медиуми кои веќе ги пренесуваат ставовите на грчката опозиција и власт, Заев вели дека граѓаните треба да знаат дека, како што рече, Македонија и Грција водат грижа меѓусебно и дека точно е дека постојат разлики од самиот почеток.

„Разликите постоеле 27 години, но исто така е точно дека имаме и исчекор во преговарачкиот процес, секако до крај не се решени работите, но прво е добро што граѓаните на двете земји се поприлично упатени, второ е добро што навистина никогаш не постоеле подобри услови за преговарачкиот процес, ниту пак поголема извесност за пронаоѓање на решение на овој горлив проблем, јас само испраќам порака дека треба да продолжиме навистина по за сето ова со взаемна грижа за позициите од другата страна на преговорите, буквално ние да водиме грижа за грчката страна, така и тие за нашата страна за да можеме до крај да се обидеме да направиме се, со целата памет што ја имаме, со целата креативност, да двете страни бидат задоволни од конечното решение и подеднакво незадоволни“, рече Заев.

Тој вели дека воопшто не размислува дека нема да се постигне компромис меѓу двете земји.

„Ако не се постигне веројатно ќе продолжиме со разговорите, реформите ќе продолжат во државата, економијата ќе продолжи. Оваа е важна трака по која што се води Македонија, но и неколку други траки се исто така отворени, јас знам дека ние и да не најдеме решение на проблемот со Грција мораме да градиме пријателство, јас ќе продолжам да градам пријателство, ќе подадам рака и ќе се обидувам за два месеци, за пет месеци, за година дена да се изнајде решение“, рече Заев.

извор: Makfax

Поврзани

Најнови вести

Коментари