logo
logo
logo

ЗАЕВ: НЕ СМЕ БИЛЕ НИТУ НИЕ СИТЕ НА СТРАНА НА ПАРТИЗАНИТЕ, ИМАЛО И СОРАБОТНИЦИ НА ФАШИСТИТЕ

Vecer | 23.09.2021

ЗАЕВ: НЕ СМЕ БИЛЕ НИТУ НИЕ СИТЕ НА СТРАНА НА ПАРТИЗАНИТЕ, ИМАЛО И СОРАБОТНИЦИ НА ФАШИСТИТЕ

Премиерот Зоран Заев повторно со брилијантна изјава, овој пат тој изјави дека и во Македонија за време на Втората светска војна имало лица кои биле соработници со фашистите и затоа не треба сега нациите да се врзуваат со фашизмот. Тој смета дека на фашизмот не треба да му се дава етнички предзак, па затоа од спомениците и учебните ќе биде отстранет зборот „бугарски“ а ќе остане само „фашистички окупатор“.

„Во делот на европеизацијата на земјава и нашата европска перспектива наше е дали ќе даваме етнички карактеристики на фашистичкиот окупатор. Ние зборуваме за политичкиот дел на одлучување кое се однесува на провокативност и неевропски манири, a други се областите на историската комисија. Во европските земји фашизмот нема етничка боја, нема национална боја. Фашистичкиот окупатор има поставеност во делови на структури, групи, или би го нарекол, одредени лидерства во целиот овој период. Ние имавме соработници на фашизмот и овде во Македонија целиот тој период. Не може да кажете дека цела една нација била фашистичка. Не можете да кажете и за нас дека сме биле сите со партизаните, бидејќи имало и некои кои биле соработници на фашистичкиот окупатор во Втората светска војна“, рече премиерот Заев одговарајќи на новинарско прашање.

На прашањето што ќе учат децата, од кого била окупирана Македонија и кој бил фашистички окупатор, Заев кажа дека граѓаните апсолутно ќе знаат кој бил на страна на фашизмот, но повтори дека не треба да се дава етнички предзнак и етничка придавка пред фашистичкиот окупатор.

„Фашистичкиот окупатор е Третот Рајх и пактот создаден од Германија, Италија и Јапонија, на кој се придружија земји меѓу кои и Бугарија. И тука нема дилема дека тој фашистички окупатор ја има окупирано земјава. Но, не можете да ги осудите и децата на тогашните генерации и сите од таа генерација дека биле фашисти“, рече Заев.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk