logo
logo
logo

Заев: Нашата безбедност веќе не е тема, сега и ние во НАТО го кроиме дневниот ред

Vecer | 27.03.2021

Заев: Нашата безбедност веќе не е тема, сега и ние во НАТО го кроиме дневниот ред

Денеска одбележуваме ден што ќе го паметат сите идни генерации и што е длабоко врежан во современата историја на Северна Македонија – 27 март, денот кога станавме полноправна членка на најмоќниот сојуз во светот – НАТО, рече премиерот Зоран Заев во говорот на свеченоста по повод првата годишнина од членството во Алијансата.

Говорот на премиерот го пренесуваме интегрално во целост:

Ден од кој започна да се вее македонското знаме пред седиштитето на НАТО во Брисел, како знаме на 30-тата членка на Алијансата, знаме на сојузник еднаков со останатите. Тоа е денот на остварување на сонот на нашите предци револуционери – тоа е сонот кој стана реалност, да бидеме рамо до рамо со најголемите од светот. Пред една година остваривме една од најважните стратешки цели за државата зацртана во темелите на нашата независност и усвоена со едногласна одлука на Собранието уште во 1993 година.

Денес членството во НАТО е израз на нашата натпартиска, широка, мнозинска, национална, мултиетничка и државничка одлука за тоа дека патот напред е патот на демократијата, сигурноста и безбедноста. Или ако со еден збор треба да го опишам денешниот настан со кој го славиме членството на Северна Македонија во НАТО – тогаш тој збор е: успеавме.

Успеавме затоа што членството во НАТО е најголемиот придонес за нашата безбедност и стабилност. Тоа е најсилната гаранција за заштита на територијалниот интегритет и на суверенитетот на Република Северна Македонија. Седиме на маса заедно со најголемите и најразвиените земји во светот. Ние сме еднаков дел од ова големо семејство на развиени демократии. Заедно со нив го даваме нашиот придонес кон светскиот мир и безбедност. Активно учествуваме во мисиите на НАТО, од кои дел се насочени кон зачувување на мирот и стабилноста, а дел кон развој на локалните капацитети и институции за одржување на мир, безбедност и стабилен демократски развој. Од минатата година учествуваме во мисијата КФОР на Косово, а од оваа година ќе го зголемиме нашето учество. Од примарна важност за нас е нашето соседство да е мирно и стабилно.

Северна Македонија е составен дел на најуспешната воено-политичка Алијанса во историјата на човековата цивилизација. Воено супериорна, политички силна и релевантна и економски доминантна организација, која обединува безмалку една милијарда луѓе и повеќе од 50 проценти од светскиот БДП.

НАТО е организација која е изградена на заеднички демократски вредности. Демократските вредности ги споделуваме со нашите сојузници и членството во НАТО ни помага тие вредности да ги чуваме, развиваме и да ги промовираме и дома. Членството во НАТО е дополнителен мотив за зајакнување на социјалната кохезија во Северна Македонија, и служи за зајакнување на отпорноста на нашата демократија.

НАТО е и нашата здружена светска сила во чии рамки се справуваме со опасниот глобален непријател, односно со дезинформациите и манипулациите.

Почитувани, кога е безбедноста и сигурноста во прашање, не сме повеќе тема на дневен ред. Сега и ние учествуваме во креирањето на дневниот ред. Дискутираме за сите прашања и заедно ги носиме одлуките со другите сојузници во НАТО. Тоа е огромна придобивка од нашиот успех со членството во НАТО и тој успех е најјасно изразен во фактот што како членка на Алијансата, Северна Македонија денес, заедно со сите други сојузници, учествува во стратешкото исцртување на визијата за НАТО во наредните 10 години.

Учествуваме во процесот „НАТО 2030“ во кој сите 30 сојузници заедно се согласија како приоритет да го одржат континуитетот на најсилен воен сојуз во светот. За ова прашање имаме и силен политички консензус кој произлегува токму од вториот приоритет на визијата за НАТО 2030 дека посилно од нашите разлики како држави е она што не обединува и што е наша основна мисија: Да се заштитуваме и браниме едни со други и да ги одбраниме нашите вредности што не поврзуваат – демократијата, индивидуалните слободи и владеењето на правото. Гласот на Алијансата е помоќен кога сме обединети и околу третиот приоритет на НАТО 2030, а тоа е преземање на посуштествен глобален пристап кога се во прашање предизвиците со глобални влијанија како што се тероризмот, сајбер заканите и нападите со дезинформации.

Солидарноста на сојузништвото ја видовме сите членки во услови на глобална пандемија, кога си помагавме едни на други со основните средства за заштите за да се преброди првичниот бран на кризата. Голем број наши сојузници ни помогнаа со донации во медицинска и заштитна опрема, како и во препарати за дезинфекција и други материјали. НАТО донираше 60 механички вентилатори за полесно справување со последиците од пандемијата. Нашите капацитети и ресурси се посилни благодарение на солидарната поддршка од сојузниците, што е директен придонес од нашето членство во НАТО. И во тој контекст, сакам уште една да се заблагодарам на Армијата што низ цела оваа година неуморно го помага здравствениот систем. Армискиот придонес ни значи на сите – спасувате животи!

Почитувани, од пред една година партнерите станаа сојузници, кои рамо до рамо, заеднички ја градат иднината, го чуваат мирот и ги негуваат демократските вредности! Нашата про-атлантска ориентација има длабоки корени. Членството во НАТО за нас беше само политички престиж, туку пред сѐ и признание за демократските вредности, поддржани од граѓаните на наша земја. Со членството во НАТО надминуваме поделби, политички и меѓуетнички и се издигаме посилни и пообединети, благодарение на желбата за подобро заедничко утре и амбицијата тоа да го реализираме. Во тој дух, овој свечен ден повикува да продолжиме и понатаму кон остварување и на нашата втора стратешка цел – членството во Европската Унија.

Денес, кога славиме една година од членство во НАТО, како 30-та членка и кога оваа 2021 година одбележуваме 30 години независна држава, со гордост можеме да констатираме дека сонот на многу генерации, е исполнет. Тоа е јасна порака за помладата генерација, да сонува и храбро да се бори за своите соништа!

Да живее НАТО. Да живее Северна Македонија.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk