logo
logo
logo

Заев на средба со претседателката на шпанскиот Сенат: Вечно ќе го паметиме гестот за ратификација на членството во НАТО

Vecer | 12.05.2021

Заев на средба со претседателката на шпанскиот Сенат: Вечно ќе го паметиме гестот за ратификација на членството во НАТО

Премиерот Зоран Заев, придружуван од вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров, во рамките на работната посета на Шпанија, како прв македонски премиер во посета на оваа земја, оствари средба со претседателката на Сенатот на Шпанија, Марија Пилар Љоп Куенка.

„Граѓаните на Северна Македонија се особено благодарни и вечно ќе го паметат гестот што го направи шпанскиот Сенат кога овозможи електронско гласање на Протоколот за ратификација на членството на Северна Македонија во НАТО, и тоа во исклучително драматични моменти на почетокот на пандемијата“, истакнал премиерот на средбата со претседателката на Сенатот.

Заев додал дека тој гест, како и поддршката на сите останати земји членки на НАТО бил охрабрување и за евроинтеграцискиот процес.

Претседателката на Сенатот, Марија Пилар Љоп Куенка, нагласила дека членовите на Сенатот ја препознале важноста на пристапувањето на Северна Македонија во членството во НАТО и затоа со задоволство ги презеле сите пандемиски мерки за да обезбедат електронско гласање за да го затворат процесот на ратификација по што следуваше и формалниот прием на земјата за членка во Алијансата.


Претседателката Куенка потенцирала и дека Шпанија продолжува силно да ја поддржува Северна Македонија и на европскиот пат и дека се препознаени постигнувањата и резултатите за подобрување на институционалниот систем во земјата, што е особено важно при интеграцијата во ЕУ.

„Преку договорот од Преспа и преку севкупната ваша домашна и меѓународна политика вие сте пример за моќта и важноста на дијалогот и кога е во прашање водење успешен дијалог, можеме да учиме од вас“, порачала Куенка.

Во рамки на посетата на Сенатот на Кралството Шпанија, премиерот Заев и делегацијата ја посетиле и историската библиотека на Сенатот каде што се изложени географски карти на Европа од 17 век на кои е презентиран поширокиот географски регион Македонија.


makfax.com.mk

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MEDIANET LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk