Заев на конференцијата за потенцијалите на Западен Балкан

Премиерот Зоран Заев, своите активности на Самитот на Европската Унија за Западен Балкан што се одржува во Софија, ги започна со обраќање на меѓународната конференција „Демократија што испорачува: Откочување на потенцијалите на Западен Балкан десет години подоцна“.

Премиерот Заев, на конференцијата на која беше поканет од страна на организаторите Фондацијата Конрад Аденауер и тинк-тенк организациите Центар за студии по демократија и Европски фонд за Балканот, во своето обраќање потсети дека граѓаните на Република Македонија срушија авторитарен режим со пенкало на избори и со решителна волја за враќање на демократијата.

„Успеавме да го направиме она што честопати се стремат да го направат многу земји ширум светот, но ретко успева“, нагласи премиерот Заев и додаде: „Создадовме систем на добро владеење кој се заснова на четири столба. Инклузивното управување е првиот столб. Ова значи дека сме цврсто решени да изградиме независни институции, владеење на правото што е еднакво за сите и да ги прошириме инклузивните и достапни јавни услуги. Концептот “Едно општество за сите” е наш втор столб. Тоа е концепт на заснован на основите на општество на граѓаните за премостување на етничките поделби, за да ги елиминираме етничката и националистичката поларизација“, нагласи Заев.

Премиерот Заев потоа се задржа и на елаборацијата на третиот столб на нововостановениот систем за обнова за добро управување – рамномерниот раст. „Воведовме политички мерки за искоренување на сиромаштијата и за зголемување на животниот стандард. Во првите шест месеци од владата ја зголемивме минималната плата, ги направивме подостапни јавните услуги, воведовме повеќе програми за самовработување, зголемена поддршка и стимулации за малите и среднни претпријатија и обезбедивме еднакви можности за домашните и странските инвеститори. Денес Владата во Република Македонија поддржува до 50% од секоја нова инвестиција во земјата“, потенцираше Заев.

Тој се осврна и на добрососедските односи, односно на поврзувањето во регионот, која воедно е главна тема на Самитот во организација на Владата на Република Бугарија, како претседавач на ЕУ во тековниот мандат. „Донесовме нов дух во односите со соседите. Отворивме дијалог за решавање на проблемите. Градиме мостови за соработка врз основа на взаемна доверба и почит, и постојано инсистираме да се оствари победа-победа за сите билатерални прашања“, истакна Заев, и информираше дека во тој дух се остваруваат разговорите со Грција во врска со проблемот со името, и дека се во многу напредна фаза.

Тој го афирмираше ставот дека нашата земја нема алтернатива за полноправното членство во ЕУ и НАТО, и дека амбицијата на Република Македонија е покана за влез во НАТО и започнување на преговори за пристап со ЕУ во 2018 година. „Со ново и силно лидерство во регионот и со поддршка на европските лидери да ја креираме иднината на Балканот. Сега е време да се препознае моментот земјите од Западен Балкан да учествуваат во градењето на посилна ЕУ“, потенцираше Заев.

извор: Makfax

Поврзани

Најнови вести

Коментари