Заев: Како четири земји, од кои 3 членки на НАТО, наши пријатели, го дозволиле бегството на Груевски?

Истрагата ќе ги открие деталите за бегството на Груевски, но останува прашањето како четири земји, наши пријатели, тоа го дозволиле, рече денеска премиерот Зоран Заев, одговорајќи на новинарски прашања по работната посета на Струмица.

Заев очекува јавноста многу брзо да биде информирана што точно се случувало во Македонија околу бегството на поранешниот премиер.

-Јас сум информиран од МВР и знам досега до каде се стигнати работите и верувам дека во многу брзо време на јавноста ќе и бидат соопштени деталите што се случувало во Република Македонија, бидејќи знаеме што се случувало во Албанија, Црна Гора, Србија и во Унгарија. Останува прашањето како тоа наши пријатели, четири земји, тоа го дозволиле и секако останува прашањето како тоа три земји членки на НАТО, демонстрирајќи владение на правото, го кажувам тоа под наводници, во време кога македонското општество, македонскиот парламент сериозно е фокусиран заради огромната инспирација со право да се биде членка на ЕУ и НАТО, токму тоа се случува. Но, затоа се истрагите, затоа се информациите коишто следуваат да бидат споделени со јавноста, истакна Заев.

Сите видовме, дополни тој, а и потврдија дека со дипломатски возила на Унгарија и придружуван од унгарски дипломати, Груевски стаса во Будимпешта.

Заев жали што МВР се уште не може да излезе со детална информација. Рече и дека го почитува тоа што Јавното обвинителво е во сериозна истрага и додека трае истрагата, повтори, не може да се соопштуваат сите детали.

Премиерот демантираше и дека комуницирал со Никола Груевски непосредно пред да ја напушти државата, додавајќи дека таа иинфомрација веќе ја демантирал на медиумот кој ја објавил и дека е тоа објавено.

-Таман работа, ќе испадне дека заедно тоа сме го договарале. Откога сум премиер, една и пол година, со господинот Груевски немам никакви контакти. Последните контакти беа кога беше заробен, заглавен Парламентот во таа бесконечна дискусија пред да се случат немилите настани на 27 април. Тоа беше таму, во Парламeнтот, кога разговаравме да одблокирање на процесот, дека е јасно оти мнозинството постои и да не ја мачиме Македонија и македонските институции. Тогаш беа последните разговори, одговори Заев на новинарско прашање при денешната работна посета на Струмица.

Поврзани

Најнови вести

Коментари