logo
logo
logo

За неколку часа 30 интервенции на Брзата помош поради жештините: Граѓаните да ги почитуваат препораките!

Vecer | 30.07.2021

За неколку часа 30 интервенции на Брзата помош поради жештините: Граѓаните да ги почитуваат препораките!

Зголемен е бројот на повици во Службата за Итна медицинска помош во Скопје, а екипите од изутрината, досега, интервенираа кај 30 случаи. Граѓаните кои бараат помош не се чувствуваат добро поради топлото време и имаат главоболки, болка во градите, зголемен крвен притисок, изјави раководителката на Службата за Итна медицинска помош при Здравствен дом Скопје, Милица Бубало.

– Има мозочни удари, сообраќајни несреќи и хроничните состојби се активираат. Хронично болните треба редовно да ја пијат терапијата и да одат на контрола на доктор. Телефоните во Службата за Итна медицинска помош постојано ѕвонат. Здравствени совети граѓаните можат да побараат на линијата 02 15123 на „Ало докторе“ или на матичен доктор и да не ја оптоваруваат линијата 194 со работи кои не се итни – додаде Бубало.

Поради високите температури во портокалова фаза од Министерството за здравство потсетија и на општите мерки за заштита на здравјето, односно во текот на овие екстремно топли денови, граѓаните треба да останат повеќе време во затворени простории (пред сè климатизирани), а при неопходен престој на отворен простор во овој период, да се најде можност за почести одмори под сенка.

– Да се носи светла и лесна облека, при директна изложеност на Сонце носете заштитни очила и капа, а при сончање да се користи крем со висок заштитен фактор. Да се внесува помало количество храна, претежно овошје и зеленчук, а помалку масна храна. Да се внесуваат големи количества течности, најдобро обична вода за пиење, а да се избегнуваат алкохолните пијалаци. При влегување во возило, потребно е истото тоа одреден период да се проветри. Хронично болните лица редовно да ја земаат препишаната терапија, во консултација со матичните лекари – се вели во препораките.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk