logo
logo
logo

За Козјак ќе има нова лицитација!

Vecer | 24.07.2014

За Козјак ќе има нова лицитација!

 

Електронската аукција за градежните парцели која се одржа завчера се поништува поради големиот број приговори за текот на наддавањето кои пристигнале до Општина Македонски Брод, ЗЕЛС, Министерството за транспорт и врски и до Антикорупциската комисија. Ова било договорено на вчерашниот состанок на сите одговорни лица од надлежните институции, кој, како што дознаваме, бил инициран од министерот за транспорт и врски, Миле Јанакиески.

Министерот побарал детална информација за текот на јавното наддавање, по што предложил тендерот да се повтори. Одговорноста за неуспешната електронска аукција ќе ја преземе ЗЕЛС, од каде што се управува софтверот, и покрај тоа што извршната директорка, Душица Перишиќ, завчера изјави дека во изминатите три и пол години откако системот е под нивен надзор функционирал беспрекорно.

По наводите за нерегуларности Министерството за транспорт и врски, како надзорен орган, согласно надлежностите, а во соработка со ЗЕЛС, изврши увид во електронското јавно наддавање за отуѓување на парцели за изградба на викенд-куќи крај езерото Козјак во општина Македонски Брод, реализирано на 22.7.2014 година.

-Констатирано е дека станува збор за технички проблем во системот за електронско јавно наддавање. Имено, според известување од ЗЕЛС, по извршените анализи е детектиран повремен прекин на информацискиот систем, при што според извештајот од безбедносниот софтвер кој е инсталиран на серверскиот систем, покажано е дека електронските сервиси биле под оптоварување.

Оттука, ќе се даде предлог Општина Македонски Брод да го поништи горенаведеното електронско јавно наддавање. Согласно законот, сите незадоволни учесници имаат рок од три дена да поднесат приговор на јавното наддавање, се вели во официјалното соопштение што го добивме од Министерството за транспорт и врски.

Како што веќе информиравме, дел од учесниците кои уредно имале подигнато тендерска документација и платиле депозит за јавно наддавање раскажаа на кој начин им било скратено правото за рамноправно учество. Навистина, некои од поплаките се однесуваа на софтверот и на лозинките, но поплаките на двајца воопшто немаа врска со електронското наддавање. Дали освен софтверот ќе одговара уште некој, најверојатно, ќе се дознае деновиве.

Всушност, еден од револтираните граѓани ни раскажа дека му е повредено правото на приватност и заштита на лични податоци, бидејќи непознато лице на телефон му вршело притисок за да се откаже од наддавањето.

- Пред аукцијата на мобилен телефон ми се јави непознато лице кое ми сугерираше да се откажам од парцелата бидејќи тоа го сториле уште двајца кои имале уплатено за истата парцела.

Вели, имам информација дека имаш аплицирано за три локации, а јас само те барам да се договориме да се откажеш. Се прашувам кој му дал име, презиме, телефонски број и информација дека сум подигнал три тендерски документации, треба некој да објасни - се пожали тој.

Според неговото кажување за ВЕЧЕР, најиритирачки било тоа што не можел да се логира за наддавање на двете парцели за кои уплатил, туку само на третата, и тоа со прекини. Најекстремен случај ни раскажа еден од заинтересираните, кој неколку дена пред наддавањето добил телефонско известување од Општината дека неговата апликација по грешка е избришана и дека не може да се наддава.

- Ме информираа дека ме избришале по грешка и дека нема поправка?! А јас не само што имав подигнато тендерска документација и уплатница со 10 отсто од сумата, туку имав и шифра за јавно наддавање. Сите знаеме дека тоа не е можно - вели револтирано нашиот соговорник.

Општина Македонски Брод завчера продаде 20 градежни парцели со вкупна површина од 13.260 метри квадратни за изградба на викенд-куќи во населбата "Близанско", на локалитетот Манастириште. Почетната цена од евро за квадрат на неколку парцели беше дигната за повеќе од 300 денари, но најатрактивните се продадоа по 71 денар.

(Е.А.)

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk