logo
logo
logo

За францускиот предлог дебата и во Собранието – народот со јасно НЕ, власта убедува да му се даде шанса

Vecer | 05.07.2022

За францускиот предлог дебата и во Собранието – народот со јасно НЕ, власта убедува да му се даде шанса

Францускиот предлог за деблокада на македонските интеграции во ЕУ, интегрално преведен на македонски јазик, од вчера е објавен на официјалната веб страница на Владата со цел транспарентно информирање на јавноста, а за него, на барање на дел од коалициските партнери во власта, според најавите, ќе се разговара и во Собранието. Во рамки на разговорите за францускиот предлог за преговарачката рамка, денеска во Скопје пристигнува претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел, со цел да ја покаже поддршката на ЕУ за францускиот предлог и да ја потврди заложбата на Унијата за интегрирање на Северна Македонија. Предлогот од средината на минатата недела е достапен за јавноста и ставен на широка консултација која премиерот Димитар Ковачевски ја води со сите чинители во државата, вклучувајќи ги и опозициските партии, граѓанските организации и медиумите. Вчера беше претставен пред Стратешкиот совет на Министерството за надворешни работи со цел одржување консултации за почеток на преговорите за членство на Северна Македонија. -Консултациите со сите релевантни општествени чинители претставуваат важен аспект од процесот на донесување на конечна одлука за овој историски момент за насоката на која ќе се движи државата, напиша министерот за надворешни работи Бујар Османи во објава на Фејсбук. Ковачевски на завчерашната средба со коалициските партии Демократски сојуз, ДОМ и ЛДП, дал согласност предлогот да биде ставен на пленарна седница и по расправата од пратениците за него да бидат изгласани заклучоци. Засега не е прецизирано кога би се одржала средбата со оглед на тоа што помалите партии побарале објавување на сите документи содржани во предлогот, меѓу кои и протоколот, чија содржина се уште не е позната, изјави вчера за МИА Маја Морачанин од ДОМ, пренесувајќи дека на средбата побарале предлогот да оди на пленарна седница, а не само преку Владата. Трите партии побарале и сите документи, вклучувајќи го и протоколот да бидат преведени на македонски јазик и објавени и достапни за целата јавност, а порачале и дека за нив е неприфатливо доколку билатералните прашања врзани за историјата и образованието бидат дел од преговарачкиот процес. -Доколку тоа влијание на преговарачкиот процес тоа би значело дека во текот на преговорите фокусот нема да ни биде на Копенхашките критериуми, туку дека ќе се занимаваме со билатерални историски прашања. Тоа не е цел на процесот, сакаме фокусот на преговарачкиот процес да бидат владеењето на правото, човековите права, заштитата на животната средина.., рече Морачанин за МИА. Од Демократскиот сојуз, во соопштение по седница на партиското претседателство, пак, побараа да се направат промени во преговарачката рамка. Тие сметаат дека во услови на геостратешки конфронтации, од круцијално значење за државава е да започнат преговорите со ЕУ и да продолжат реформите и имплементацијата на европските вредности. -Владата на Република Македонија да инсистира да се преработи Преговарачката рамка и од неа да се отстранат билатералните прашања наметнати од Бугарија, при што рамката да биде согласно европските принципи и стандарди. По усвојување на Преговарачката рамка да започнат пристапните преговори преку отворање на поглавјата. Уставните промени со цел вклучување на Бугарите во Уставот, да бидат на реципрочна основа, при што Советот на ЕУ да донесе заклучок со кој ќе ја задолжи Бугарија да ги имплементира одлуките на Европскиот суд за човековите права во Стразбур за признавање на правата на Македонците во Бугарија, како што е правото на здружување, формирање на културни асоцијации, политичко организирање и сл, стои во заклучоците од ДС, од каде нагласуваат дека не смеат да се прифатат разговори за македонските ревулуционери. Бараат и да се се прекинат какви било дискусии за заедничко славење на македонските национални празници. Од ДС порачуваат и македонскиот идентитет и македонскиот јазик под никакви услови да не се оспоруваат и загрозуваат, а историските и образовните прашања, како и говорот на омраза и отворањето на досиејата за прогонувани лица од комунистичкиот режим, да биде на реципрочна основа. Според ДС, во Преговарачката рамка, годишните прегледи, Акцискиот план и протоколите, не смее да се прифатат решенија кои и овозможуваат на Бугарија да се меша во внатрешните работи на Македонија. За предложената Преговарачка рамка, велат од ДС, да продолжи дебатата во јавноста, да се соберат сите сугестии и предлози, по што да се отвори расправа во Собранието и да се донесат заклучоци со консензус од сите пратеници односно пратенички групи и независни пратеници застапени во парламентот. Лидерите на ДОМ, Маја Морачанин, на Демократски сојуз, Павле Трајанов и на Либерално-демократската партија Горан Милевски, вчера имаа средба и со претседателот Пендаровски пред кого ги образложиле партиските согледувања за францускиот предлог и ги истакнале нивните загрижености. -На средбата се разговараше за актуелните политички случувања во земјата и за модифицираниот предлог на француското претседателство со ЕУ за почеток на пристапните преговори на Република Северна Македонија со Европската Унија. Лидерите на трите партии ги образложија партиските согледувања за францускиот предлог, и ги истакнаа нивните загрижености во однос на истиот, информираа во соопштението од Кабинетот на Пендаровски, кој по седницата на Советот за безбедност објави дека предлогот е прифатлив. Во рамки на широките консултации за предлогот Ковачевски вчера имаше средба со лидерот на Алијансата за Албанците Зијадин Села, кој изјави дека Северна Македонија треба да продолжи по патот на евроинтеграциите и оти друга опција за нас како држава не треба да постои. Најави дека ќе го разгледаат францускиот предлог по што ќе излезат со свој став како партија. -Единствен пат треба да биде ЕУ што побргу. Нормално дека тој пат оди преку преговори, преку договори кои треба да се постигнат со земјите на ЕУ. Нема двоумење и мислам дека АА е јасна во овие линии. Јасни сме биле и кога сме давале поддршка и за членување на државата во НАТО. Мислам дека АА е главниот чинител кој ги почна овие промени за да денеска ние бидеме дел од НАТО-Алијансата и граѓаните да се чувствуваат посигурни побезбедни во време на оваа воена криза која се случува помеѓу Русија и Украина, изјави Села. Тој информираше дека дел од дебатата со премиерот била и во врска со македонскиот јазик. Посочи дека имаат разбирање за емоционалното чувство на секој граѓанин, но и дека, како што рече, дефиницијата за јазикот којшто го зборуваат над 20 отсто од граѓаните и кој е различен од македонскиот јазик, е омаловажувачка за Албанците и дека во ситуација кога ќе се отворат уставните измени, треба да се има предвид тоа и во Уставот да стои албански јазик. – Алијанса за Албанците ќе инсистира на ова како политичка партија. И сакам да ја искористам можноста да и пратам апел на ДУИ и тие да се позанимаваат со промена на оваа дефиниција, рече Села. И од движењето БЕСА, од каде веќе се изјаснија дека за нив е прифатлив францускиот предлог, исто така бараат за време на уставните измени да се отстрани делот 20 проценти и да пишува албански јазик. -Движењето БЕСА е информирано од Владата за францускиот предлог и во согласност со партиските одлуки, Движењето БЕСА уште еднаш потврдува дека ќе го прифатиме секој предлог што го отвора патот за интеграција во ЕУ и дека истиот нема да им наштети на интересите на Албанците во земјата. Исто така, бидејќи францускиот предлог сам по себе подразбира уставни промени, ние, за да покажеме политичка конзистентност од последното отворање на уставот, ќе побараме терминологијата „јазик што го зборуваат повеќе од 20 проценти од населението“ да се коригира во Уставот и да се замени со терминот „албански јазик“, наведоа од БЕСА од каде го повторија барањето за предвремени парламентарни избори бидејќи сметаат дека Владата нема капацитет, кредибилитет и легитимитет да управува со државата. Лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски и вчера побара Ковачевски да го отфрли предлогот или да се тргнат точките од Годишните извештаи каде што се повикува на Протоколот. Предлогот, како што рече, „не треба да помине во Собранието, а и да помине тоа ќе биде на сила“. Извршниот одбор на владејачката СДСМ, пак, вчера оцени дека предлогот е добра основа и, како што информираа од партијата, целосно ја поддржува Владата да го продолжи процесот на консултации за носење на конечна државна одлука. -Во овие моменти е потребно државничко однесување, мудрост и одговорност водејќи грижа за иднината на државата, на сите наши граѓани. Во предлогот, којшто го сметаме дека е европскиот предлог, недвосмислено имаме прифаќање на Македонски јазик во ЕУ, што значи затворање на сите идентитетски прашања. Извршниот одбор на СДСМ констатира дека затворање на идентитетските прашања е најважно и сега е кристално јасно: македонскиот јазик е апсолутно чист и еднаков со другите јазици на Европската Унија. Ова е клучна позиција, државна и национална којашто со овој предлог е обезбедена, наведоа од СДСМ. Во меѓувреме, пораки и поддршка за прифаќање на предлогот упатија министерот за европски прашања на Ирска, Томас Бирн и финската министерка за европски прашања Тити Тупураинен во рамки на нивната заедничка посета на државата. -Демонстриравте дека сте посветени на тешкиот реформски процес што е во тек. Сакаме преговорите и пристапувањето да се случат што е можно побргу. Во моментов сте соочени со навистина важна одлука и јас лично сум многу возбуден од можноста Северна Македонија да стане членка на Европската Унија, изјави Бирн на заедничка прес-конференција со Маричиќ и Тупураинен. Тој порача дека македонскиот јазик и идентитет се заштитени со предлогот, а ќе бидат и зајакнати со членството во Унијата. И според финската министерка за европски прашања со преговарачката рамка целосно се почитува македонската култура, јазик и идентитет. -Преговарачката рамка не треба да има никакви влијанија предизвикани од билатералани прашања или прашања поврзани со историјата и идентитетот, се работи за проширување на ЕУ и преговарачкиот процес и сите тие имаат свои методологии, имаме програма и ги имаме сите инструменти и треба да се започне со самите преговори, рече Тупураинен. Неговиот домаќин, вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ, пак оцени дека би била вистинска штета и за државата и за идните генерации да го пропуштиме овој момент сметајќи дека ќе добиеме во иднина можеби подобар предлог. -Не би било одговорно да се одбие предлог во кој сме ги постигнале барањата со надеж дека ќе ни се понуди друг. Напротив, секое одлагање и губење време ни отвора можност за нови дневнополитички случувања, рече Маричиќ пораќувајќи дека не момент за непотребно одлагање, туку за разумна дискусија која ќе не одведе до долго посакуваната цел – отпочнување на преговорите. Во меѓувреме, од Европската комисија информираа дека најбрзо што можат ќе изнесат детали за македонскиот јазик во договорот за Фронтекс, кој Софија досега го блокира токму поради нашиот јазик. Според македонските владини претставници, преговарачката рамка предложена од француското претседателство треба да го деблокира и договорот за Фронтекс, кој Северна Македонија не можеше да го потпише до сега поради одбивањето на Бугарија во него да стои македонски јазик. -Сега ги разгледуваме практичните импликации вклучително и за можноста за договорот со Фронтекс, треба да се видат низа оперативни детали на таа тема, да се види кои ќе бидат импликациите врз него, рече портпаролката на Европската Комисија, Дана Спинант, во одговор на прашање од МИА Од генералниот директорат за внатрешни работи на Европската Комисија, пак, одговорија, дека нивните служби работат на ова прашање и најавија дека ќе испратат одговор „што е можно побрзо“. Во Скопје во изминатите три дена се одржаа протести за отфрлање на францускиот предлог, а учесниците кои официјално немаат организатор но се поддржани од политички партии и граѓански организации, сметаат дека предлогот е исклучително лош за македонскиот народ и македонските национални интереси.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk