Вучиќ: Немам право да се мешам во референдумот, ние ја почитуваме Македонија

,,Дали се радуваме или сме задоволни што Скопје и Атина ќе го решат проблемот, тоа е сигурно добра вест за Белград и за Србија. Но немам право да повикувам или не повикувам кого било на референдум, затоа што тоа би било нефер и директно мешање во внатрешните работи, а ние ја почитуваме Македонија”, порача српскиот претседател Александар Вучиќ по средбата со премиерот Зоран Заев која што се одржа на граничниот премин Табановце-Прешево. Според српскиот претседател, се што придонесува за стабилност на регионот, како решавање на спорот меѓу Скопје и Атина, е добро за целиот регион.

Тој додаде дека Србија секогаш ќе реагира позитивно ако соседите ги решаваат проблемите и се договараат и изрази увереност дека тоа ќе биде поздравено. Србија и Македонија се пријателски земји, стратешки блиски и не е толку важно ако некогаш имаат тактички несогласувања или нешто слично. Србија ги смета македонскиот народ и држава за искрено пријателски и дека ќе направи се тие односи да бидат исполнети со конкретна содржина, порача српскиот претседател.

Тој му се заблагодари на Заев за ставот во врска со разговорите со Приштина, бидејќи целта мора да биде стабилност, мир и долгорочно решение.

Заев и Вучиќ се сретнаа денеска и разговара за спроведувањето на проектот „One stop shop“ за интегрирано гранично управување. Според Заев,проектот ќе значи на едно место во едно време, на една заедничка испостава, со само едно застанување, да можат граѓаните, превозните средства и стоката да поминуваат за пократко време.

,,Сето тоа е дел од заедничката економска агенда на Западен Балкан која Европската унија ја заокружи, а ние премиерите на земјите од Западен Балкан ја потврдивме на Самитот во Трст и навистина ми е драго што шенген механизмите ги воведуваме овде, односно ја носиме Европа на Балканот”, рече Заев.

Според податоците од Светска банка, регионот губи околу една милијарда евра поради чекање на граница.Со ова земјите би станале поконкурентни и повеќе товарни возила би ги користеле овдешните патишта наместо да поминуваат преку земјите од ЕУ, а со тоа би оставале и повеќе пари, што е добро за граѓаните од двете земји. Вучиќ рече дека со Заев разговарал неколку пати и за воспоставување на регионална економска зона, но и интегриран граничен премин.

Ова е втора билатерална средба на Заев и Вучиќ, претходната се случи во ноември лани, кога македонскиот премиер го посети Белград.

извор: Makfax

Поврзани

Најнови вести

Коментари