ПО ПОВОД ДЕНОТ НА АРМИЈАТА

"Волците" одликувани со Орден за воени заслуги

ОХРИД.- Претседателот на државата Бранко Црвенковски вчера го одликува баталјонот за специјални намени "Волци" со Орден за воени заслуги за учество во мировната мисија во Ирак, како дел од антитерористичката коалиција. Доделувањето на орденот беше во рамките на прославата за одбележување на денот на Армијата на РМ - 18 август, што се одржа кај Билјанините извори во Охрид.
На прославата присуствуваа највисоките државни и воени раководители на чело со врховниот командант на вооружените сили и претседател на Република Македонија, Бранко Црвенковски, поранешни државни и воени раководители и други гости. Во своето обраќање, претседателот Црвенковски потенцира дека продолжува традицијата на почит кон генерациите кои пред нас ги положуваа основите на современата македонска држава.
- За само две години од домаќини на странска воена мисија и корисници на воена помош дојдовме до рамноправно учество во меѓународните антитерористички коалиции во Авганистан и Ирак, каде што заедно со другите држави придонесовме за поширока безбедност и стабилност, рече, меѓу другото, врховниот командант во своето обраќање.
Во своето обраќање Црвенковски не ги заборави и оние кои веќе не се меѓу нас, припадниците на Армијата, кои ги положија своите животи, со што ја платија најголемата жртва за опстанокот на сопствената држава.
Претседателот Црвенковски им ги врачи указите за унапредување во чиновите, бригаден генерал на досегашните полковници Зоран Димов и Зоран Лековски. Вршителот на должноста амбасадор на САД во Република Македонија, Пол Волер го додели одликувањето- медал Бронзена ѕвезда на армијата на САД на постариот водник Марјанчо Михачкоски за исклучителна храброст за време на воените операции во Ирак.

Сузана Вренцовска

Поврзани

Најнови вести

Коментари