logo
logo
logo

СВР Тетово апелира:

Во сезоната на свадби ИГРАЈТЕ, НЕ ПУКАЈТЕ или еден куршум 500 евра!

Vecer | 21.06.2021

Во сезоната на свадби ИГРАЈТЕ, НЕ ПУКАЈТЕ или еден куршум 500 евра!

Со оглед дека минатите години пред ковид-кризата при одржувањето на летните свадбени веселби честопати се случуваше да се пука од огнено оружје, од тетовската полиција упатуваат апел тоа да не се прави поради опасностите од повреди, фатални исходи како и соочувања со законски последици.

Со цел навреме да се превенираат и ефикасно да се спречат овие појави,  Секторот за внатрешни работи Тетово апелира граѓаните да се воздржат од пукање со оружје, како и од неовластено организирање огномети.

-Овој и наредните два месеца, посебно во јули, на поширокото полошко подрачје веќе се закажани и ќе бидат организирани голем број свадбени и други свечености. Ваквите свечености минатите години, неретко се карактеризираа и со повремени нарушувања на јавниот ред и мир со пукање од огнено оружје или  неовластено приредување огномети, односно употреба на разновидни пиротехнички средства, кои беа законски санкционирани, вели портпаролот Марјан Јосифоски.

Од СВР Тетово потсетуваат дека пукањето е спротивно на Законот за прекршоци против јавниот ред и мир, а глобата за ваков вид прекршок се движи од 200 до 500 евра (член 31). Зависно од последиците, може да претставува и кривично дело „предизвикување општа опасност“, за кое е предвидена и затворска казна од една до пет години (член 288 од Кривичниот законик).

-На граѓаните, исто така, им се укажува дека свадбените огномети треба задолжително да се пријават во полициските станици или одделенија на подрачјето на кое се организираат, во зависност од нивната категорија, а организаторите навреме да ги преземат пропишаните превентивни мерки. Секторот за внатрешни работи Тетово во месеците кои претстојат, во значителна мерка ќе ги засили контролните активности на планот на откривање и санкционирање на ваквите нарушувања на јавниот ред и мир и конкретно и ефикасно ќе постапува, истакна Јосифоски.

На 30 јули 2019 година СВР Тетово бележи двајца повредени кои поради пукање на свадба се здобиле со рани во градите. Чести се и пријавите за заталкани куршуми и оштетувања на возила и објекти во летните месеци и периодите на одржување на свадбите.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk