logo
logo
logo

Ацо Новески, кандидат за градоначалник на општина Македонски Брод:

Во платформата `имаТ` има место за сите, освен за победници, губитници и триумфализам

Vecer | 28.09.2021

Во платформата `имаТ` има место за сите, освен за победници, губитници и триумфализам

Во изборниот процес за градоначалник на општина Македонски Брод Ацо Новески настапува како независен кандидат, со директна и силна поддршка на граѓаните.

Вели, настапувам како граѓански кандидат во заедништво со голем тим на поддржувачи и настапувам во сојузништво со сите наши сограѓани. Тоа силно сојузништво за Новески е основниот мотив и поттик за поднесување на кандидатура за градоначалник на општина Македонски Брод.

Кандидат сте за градоначалник на општина Македонски Брод, како сограѓаните го познаваат и доживуваат Ацо Новески?

Новески: На овие локални избори поднесов кандидатура за градоначалник на општина Македонски Брод и во тој процес веќе започнавме со активности од изборната кампања. Македонски Брод и Поречието за мене се инспирација од неколку аспекти. Тие имаат своја единственост, имаат традиција и значајно културно наследство, имаат уникатна и недопрена природа. Но, пред се, Македонски Брод и Порече имаат вредни и чесни луѓе, искрени пријатели, пристојни и љубезни домаќини. Токму затоа, сметам дека моите сограѓани ме препознаваат согласно нивните вредности и нивните мерки. Тие ја препознаваат отвореноста и искреното пријателство, ја ценат срдечноста и зборот, го вреднуваат односот кон традицијата и верата и го почитуваат протагонизмот за родниот крај. Во таа насока реално сметам дека можам да одговорам на очекувањата на моите сограѓани , да понудам модерна визија и вистински решенија за Македонски Брод и да ја заслужам довербата за мандат.

 

На локалните избори за општина Македонски Брод настапувате самостојно. Кои се Вашите мотиви за поднесување на кандидатурата?

Новески: Во изборниот процес за градоначалник на општина Македонски Брод настапувам како независен кандидат, со директна и силна поддршка на граѓаните. Настапувам како граѓански кандидат во заедништво со голем тим на поддржувачи и настапувам во сојузништво со сите наши сограѓани. Тоа силно сојузништво претставуваше основниот мотив и поттик за поднесување на кандидатура за градоначалник на општина Македонски Брод. Често со граѓаните ја споделувавме заедничката визија за развој на Македонски Брод, заедно ги разбиравме и чувствувавме проблемите, и заедно започнуваме да креираме идеи за подобри решенија. Знаеме дека тие решенија бараат посветеност, одлучност и мотивација, а при тоа уверени сме дека кон нивно решавање може интегрално да се пристапи од позицијата на градоначалник.

Од друга страна, мотивира можноста на Брод да му го вратиме нашиот генерациски долг, да се насочиме кон луѓето, кон заедницата и кон средината за содавање на подобри услови и поизвесна иднина. Мотивира помислата дека создаваме проекти за идниот развој и перспективи за Македонски Брод и особено мотивира намерата пристојно и посветено да се работи за својата општина. Мотивира и фактот дека создадовме изворна и сеопфатна платформа која ги претставува реалните интересите и потреби на граѓаните и затоа ја промовираме и настапуваме со платформата `имаТ`. Понудата на `имаТ` е прогресивна и различна и сметам дека заслужува посебно внимание и доверба.

Ја споменавте платформата `имаТ` како изворна и сеопфатна. Што всушност претставува `имаТ` и кои решенија ги нуди платформата?

Новески: Платформата `имаТ` претставува вистински репрезент на потребите на граѓаните кои се стекнати преку бројните средби, контакти и размена на идеи во непосредната комуникација и претставување. Таа е креирана со намера да ја образложи визијата, да понуди решенија и да промовира идни развојни перспективи за Македонски Брод. Воедно, платформата `имаТ` ќе претставува основа на програмата за работа на градоначалникот на Македонски Брод за  развој на општината.

Но, истовремено платформата `имаТ` е многу повеќе. Таа не претставува нас, граѓаните, нашите можности да ги истакнеме проблемите и ги претставува нашите напори да создаваме вредности. Платформата го промовира позитивниот пристап преку слоганот `имаТ визија, избери Решенија`. Во `имаТ` се истакнати вредностите (Истрајност, Мотивација, Активност и Темелност) во пристапот и, секако, одлучноста за доследна и целосна реализација. Накратко, во `имаТ` има се за Македонски Брод.

 

Кои цели ги претставува платформата `имаТ` за развој на општина Македонски Брод и кои се Вашите очекувања?

Новески: Споделеното разбирање за Македонски Брод и поречието во платформата `имаТ` е тоа да стане подобро место за живеење со решени инфраструктурни проблеми и со нови работни места. Да има понуда на развиени алтернативни форми на туризам, модерна индустриска зона, создадени можности за развој на земјоделието, а, исто така, и проекти во делот на образованието, спортот, културата, социјалата и меѓусебното почитување. Оваа проекција за нашата општина ги определува целите за развој на Македонски Брод наведени во платформата `имаТ`. Примарните цели се создавање на услови за локална економска активноат, подобрување на сервисите и услугите во надлежност на општината, промоција на природните убавини, како и поддршка при обнова на капацитети во руралните средини за развој и одржливост на селата. Во таа смисла целите ја претставуваат намерата за балансиран пристап и рамномерна застапеност на проектите во урбаниот и руралниот дел на општината.

Идентично на целите, моите очекувањата од `имаТ`се позитивни, релни и остварливи. Имено, очекувањата се Македонски Брод да стане модерна општина која ќе создава услови за бизнис отвореност и можности за обнова на заборавените дедови огништа. Да стане општина на граѓани кои се почитуваат, кои имат обезбедена материјална сигурност за себе и за своите семејства и понуда на достапни можности.

Како ќе ги афирмирате целите и како планирате да ги реализирате очекувањата кои ги наведовте во платформата `имаТ` при добивање на мандат?

Новески: Во периодот кои претстои целите и главните области на платформата `имаТ` ќе бидат претставени пред граѓаните на Македонски Брод. Тие ќе бидат афирмирани во директната комуникација, но често и во дигитална форма поради одговорен пристап кон здравјето и мерките за превенција од Covid-19.

Визијата и решенијата за Македонски Брод гласно ќе одекнуваат и ќе аргументираат преку четирите главни области за развој на општина:

- моделот '3 E' (Економија, Енергетика и Екологија) за Локален Економски Развој,

- Сервиси и услуги на општината,

- Поддршка и советување, и

- Одржливост и развој.

Во таа аргументација посебно место ќе посветиме на остварливоста на платформата `имаТ` или периодите на реализација на платформата. Првично очекуваме доверба врз основа на реална, прифатлива и одржлива платформа за развој на Македонски Брод. Таа платформа нуди креативни решенија во сите општествени области и потенцијал да создава услови за реализација на проектите во економијата, енергетиката и екологијата. Истовремено таа придонесува кон остварување на динамика во руралниот развој и зголемена економска активност која ќе создава добробит, заедништво и трајни вредности.

Од споменатото се забележува дека создавањето на позитивен и прогресивен општествен амбиент во Македонски Брод е централна тема на платформата `имаТ`. Во такви услови проектите единствено имаат смисла ако се насочени да создаваат додадени вредности за граѓаните во сите области.

Со каков пристап и со кои активности планирате да придонесете кон позитивниот општествен амбиент и почитување?

Новески: Очекувањата за подобрување на амбиентот и односите помеѓу граѓаните започнува со изразите на почитување и со достоинствен и коректен пристап. Тие човечки доблести и вредносни потребно е да бидат составен дел во периодот на претставување, при изборот и при реализација на мандатот. Не смееме да дозволиме омразата и навредите да ги засенат аргументите и дијалогот. Затоа е потребно да го насочиме комплетниот човечки, духовен и конструктивен потенцијал кон взаемната поддршка и доброчинителство.

Освојувањето на мандатот за градоначалник за мене значи првенствено обврска во концепт во кој нема место за победници, губитници и триумфализам. Единствената заслуга во таквиот концепт ја имаат граѓаните на Македонски Брод кои одлучиле за идниот прв службеник на општината и за својот градоначалник. Впрочем, `имаТ` ја носи таа нова енергија, нова димензија која се потпира на континуирана заемна доверба, кредибилитет и почитување. Овој пат граѓаните ќе имаат можност да ја препознаат таа енергија во понудата на `имаТ Визија, избери Решенија`.

На крајот, што друго имате да им порачате на граѓаните на Македонски Брод?

Новески: Успехот на платформата за развој на општина Македонски Брод зависи од потенцијалот  да ги вклучи сите капацитети и ресурси со кои располага општината како орган, но и како географски регион во нејзината реализација. Платформата `имаТ` поседува способност да ги интегрира институциите, формалните и неформалните организации, индивидуалците и пред се граѓаните на Македонски Брод кон остварување на заедничките цели. Тој инклузивен модел на функционирање на локалната самоуправа го претставува токму платформата`имаТ`.

 

Денес не примивте во Македонски Брод за да го реализираме овој разговор. Ви благодариме за одвоеното време и Ви посакуваме многу успех на претстојните локални избори.

Новески: Ви благодарам на убавите желби. Задоволство беше да се разговара на теми од интерес за Македонски Брод и дозволете уште еднаш да се заблагодарам на можноста за претставување на понудата за локалните избори во Македонски Брод.

 

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk