logo
logo
logo

Во Македонија 1 од 10 возрасни имаат заболување на бубрезите

Vecer | 10.03.2021

Во Македонија 1 од 10 возрасни имаат заболување на бубрезите

Во Македонија 1 од 10 возрасни или околу 200.000 граѓани имаат некоја форма на бубрежно заболување, објави Здружението „Нефрон’ по повод 11 март – Светскиот ден на бубрегот.

Според статитстиката, во краен стадиум на болеста (стадиум 5) кога е неопходно да се примени бубрежно-заместителна терапија се лекуваат 1.600 пациенти на дијализа во 23 центри за дијализа низ државата.

Дијализата е најчесто застапен метод во нашата земја за третирање на крајниот стадиум на бубрежната болест кога двата бубрега повеќе не можат да ги извршуваат финкциите кои се од витално значење за организмот. 1.600 лица секој втор ден го продолжуваат својот живот благодарејќи на дијализата. Тие поминуваат по 4-5 часа во дијализен центар каде им се прочистува крвта од сите отрови и вишок вода од организмот благодарение на апаратот за дијализа.

Иако најоптимален метод на лекување на бубрежната болест е трансплантацијата на бубрег, сепак, велат од Здружението, во нашата земја е недоволно применувана.

„Квалитетот на живеење кај пациентите со хронична бубрежна болест варира и во зависност од нивниот карактер, опкружувањето, семејната атмофера, третманот кој го добива, како и од другите придружни болести. Прифаќањето на новиот начин на живот со сите ограничувања кои ги носи е тешко и секој различно го доживува. На пациентите со бубрежни болести им се потребни повеќе видови поддршка како од медицинскиот персонал, така и од семејството и општеството воопшто за да можат да го надминат прифаќањето на болеста и да продолжат да живеат со неа“, велат од Здружението.

Од таму велат дека хроничната бубрежна болест (ХББ) е опасна и тивка болест која најчесто доцна се дијагностицира.

Со навремено дијагностицирање и соодветно лекување ќе се одложи или избегне доаѓањето на крајниот петти стадиум на болеста. Затоа Здружението „Нефрон“ апелира секој човек најмалку еднаш годишно да ја проверува функцијата на бубрезите.

Повеќето луѓе немаат симптоми сè додека хроничната бубрежна болест не напредне. Човекот може да изгуби до 90% од функцијата на бубрезите без да почувствува никакви знаци или болки. Токму затоа таа е позната како „тивок убиец на организмот“. Високиот крвен притисок и дијабетесот се најчестите причинители за појава на бубрежна болест кај возрасните.


makfax.com.mk

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk