logo
logo
logo

Во кои градови во Македонија нема активни случаи на коронавирус?

Vecer | 03.06.2021

Во кои градови во Македонија нема активни случаи на коронавирус?

Во државата до завчера вкупно се вакцинирале 239 283 граѓани, а само во вторникот биле аплицирани 15 155 вакцини. Според вчерашните податоци на Институтот за јавно здравје, три града во земјава – Демир Капија, Пехчево и Дојран, немаат ниту еден активен случај на ковид-19, а во Дебар и Валандово има само по еден.

Бројот на лица кои досега изразиле желба за вакцинација преку веб-платформата vakcinacija.mk е 436 072 граѓани, информираат од Министерството за здравство.

Во државата вкупно се аплицирани 346 931 дози вакцини, а ревакцинирани се 107 648 граѓани.

Една доза примиле 47 отсто од населението над 70 години, а 41 процент кај лицата над 65.

– Вакцинацијата се спроведува согласно Националниот план за имунизација. Се вакцинираат возрасни лица, граѓани кои искажале интерес за вакцинација на веб-страницата vakcinacija.mk, а се вакцинираат и лица вработени во критична инфраструктура, велат од Министерството за здравство.

Масовна вакцинација се одвива во неколку градови во државата и тоа во А1 Арената СЦ „Борис Трајковски” во Скопје, во спортските сали во Кавадарци, Куманово, Тетово, Штип, Битола, Струмица, Охрид, Велес и Прилеп.

Министерството за здравство ја поддржа апликацијата „CоmmonPass” за издавање на дигитални здравствени сертификати. Преку новата апликација „CоmmonPass”, на македонските граѓани ќе им се зголемат можностите за добивање на дигитален здравствен сертификат во согласност со глобалниот стандард „Smart Health Card”.

Тоа, како што информираа вчера од МЗ, за граѓаните ќе значи дека тие ќе може да го документираат ковид-19 статусот со цел да може да патуваат во други земји и да одговорат на барањата на граничните премини на други држави, истовремено штитејќи ја нивната приватност

Апликацијата „CommonPass” е создадена од мрежата „CommonTrust” и Светски економски форум, во рамки на проектот „The Commons Project”, со цел воспоставување на интероперабилна платформа за заемно признавање на вакциналните потврди и лабораториските тестови за Ковид-19 меѓу државите.

Во државата досега вкупно се инфицирале 155 345 лица. Вчера беа регистрирани нови 43 случаи позитивни на коронавирусот од направени 3007 тестирања или 1,4 отсто. Пријавени се шест починати и 48 оздравени пациенти.

Досега во земјата се направени вкупно 802 272 тестирања на ковид-19.

Вкупниот број ковид-дијагностицирани лица во земјава од почетокот на епидемијата изнесува 155 345, бројката на оздравени пациенти е 148 846, на починати е 5429, а бројот на активни случаи изнесува 1070. Најмногу активни има во Скопје – 444, потоа следи Куманово – 108, Прилеп – 57, Охрид – 54, Битола – 51. Во Демир Капија, Пехчево и Дојран нема ниту еден активен случај, а во Дебар и Валандово само по еден.

На инфективните одделенија во Скопје и во болниците во другите градови се лекуваат 164 пациенти со ковид-19. Има околу 490 празни болнички кревети во ковид-центрите. Вкупно 65 лица сомнителни и потврдени за ковид-19 се лекуваат на инфективните одделенија во главниот град, а во болниците во другите градови има 99 хоспитализирани пациенти.

 

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk