Фирмата СВ инвест замина во стечај поради неликвидност, потврди за МКД.мк стечајниот управник Коле Волчевски. Станува збор за ненаплатени обврски кон 57 доверители, главнината е кон финансиското друштво „Пелистер“ од Битола, Стопанска банка – Скопје, ТТК банка…

Волчевски ги демантира неодамнешните сомневања искажани од ВМРО-ДПМНЕ дека газдата на СВ инвест Стојан Чифлигароски избегал од Македонија. СВ инвест е фирмата за која лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски на брифинг со новинарите обвинуваше дека е блиска до власта и дека на сомнителен начин ги добива тендерите на РЕК Битола.

ВМРО-ДПМНЕ на неколку прес-конференции тврдeше дека има криминал во РЕК Битола и поскапувањето на струјата го поврзува со случувањата и набавките во енергетскиот комбинат. Од ВМРО-ДПМНЕ беше поставено прашање до директорот на ЕЛЕМ Васко Ковачевски „каде се парите од АД ЕЛЕМ кои им се оставени, и која е неговата врска со фирмата Рубитон”. Тврдењето е дека таа фирма била рекетирана и на сопствениците им било барано „или да ја препуштат работата на СВ инвест или да дадат рекет во износ од 250.000 евра за Вице Заев”, братот на премиерот Зоран Заев.

Од ВМРО-ДПМНЕ брифираа дека во изминативе четири години само за ископ и транспорт во РЕК Битола се испумпани 200 милиони евра народни пари на сметки на фирми блиски до власта.

„Минусот во ЕЛЕМ и парите потрошени на тендери во РЕК Битола и АД ЕЛЕМ заедно даваат над 400 милиони евра пари кои завршиле во нечии џебови, а сериозен дел можеле да се искористат за инвестирање”, тврди опозициската партија.

ВМРО-ДПМНЕ тврди дека јавноста имала можност да слушне за две кривични дела – за сериозна изнуда за 250.000 евра и за фалсификување на пријавата до обвинителството од страна на оштетените (Рубитон), каде како што се тврди, обвинителката Вилма Русковска и поранешниот полициски началник Лазе Велковски го сокриваат името на Вице Н, односно како што се тврди, братот на Заев.

Вице Заев пак, ги демантира обвинувања на негова сметка.

Од СДСМ реагираа дека пријавите до обвинителството за аферата „Рубитон” (од февруари минатата година) се потпишани од началник близок до ВМРО-ДПМНЕ и од поранешниот технички министер за внатрешни работи Наќе Чулев. Од владејачката партија порачаа и дека ВМРО-ДПМНЕ шири лажни вести и конструира непостоечки скандали.

Претходно АД ЕСМ и подружница РЕК Битола исто така ги демантираа обвинувањата како неосновани и тенденциозни напади врз комбинатот и компанијата.

„Договорот со фирмата Рубитон која ископуваше јаловина (земја) во рудникот Суводол, е раскинат од страна на РЕК Битола на 07.11.2018 од причини што Рубитон не го вршеше ископот со динамика и количини предвидени во договорот, за што постојат записници и други релевантни документи од стручните служби на РЕК Битола”, беше наведено во рекацијата.

Инаку, покрај на СВ инвест, Стојан Чифлигароски е газда и на финансиското друштво „Пелистер“, кон кого има ненаплатени обвски.

Фирмата СВ инвест ВМРО-ДПМНЕ оддамна, уште од 2018 година ја поврзува со работењето на РЕК Битола, а уште тогаш тврдењата за сомнителни зделки беа демантирани од страна на правниот застапник.