ВМРО-ДПМНЕ: Судството под стегите на власта направи од Македонија земја со најмногу терористи по глава на жител

Остануваат уште три дена до истекот на третиот месец од неправедното притвaрање на патриотите кои имаа храброст гласно да говорат против антидржавните политики, наведуваат во соопштение од опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ.

Како што велат од партијата, јавното обвинителство и судот без никакви вистински, правни аргументи тргнле во конструкција на непостоечки случај за тероризам и ја посрамотиле државата ставајќи ја на мапата на држави со најмногу терористи по глава на жител.

„Без никаква правна основа прогласија за терористи актери, режисери, оперски пејачи, архитекти, доктори, припадници на безбедносните сили и други патриоти чиј единствен грев е тоа што си ја сакале сопствената земја. Ублажувањето на мерката притвор, од ефективен во куќен, за само дел од неправедно приведените не е правда“, сметаат од ВМРО-ДПМНЕ.

Според нив, правдата ќе биде задоволена кога сите ќе бидат ослободени и ќе биде отфрлена и квалификацијата „тероризам“.

„Јасно е дека нема никаков основ за натамошно задржување во притвор, освен доколку не се работи за нарачан прогон и тортура врз неистомислениците. Тоа се гледа и од фактот што патриотите кои беа сега ослободени, нивните жалби се разгледуваа и усвоија дури после 25 дена откако беа поднесени по изрекувањето на 30-те денови притвор“, наведуваат од опозициската партија.

Додаваат дека судот и јавното обвинителство не смеат веќе да си поигруваат на овој начин со приведените патриоти.

„Дурловски, Илиевски, Дамовски, Чавков, Божиновска, Мукоски, Тарчуловски, Николовски, Пешевска не се терористи. Тие се патриоти кои поради својата љубов кон Македонија станаа мета на актуелната власт. Повеќе од 90 дена притворот на овие луѓе беше користен како казна, а не како мерка на претпазливост. Тие се притворени без да биде исполнет ниту еден услов за таква мерка. Ова е пример за тортура и газење на основните принципи на демократијата“, стои во партиското соопштение.

Од ВМРО-ДПМНЕ воедно истакнуваат дека политичкиот прогон во Македонија мора да запре, судството да се ослободи од стегите на власта, а обвинителството да запре со, како што велат, монтираните неосновани обвиненија.

извор: Makfax

Поврзани

Најнови вести

Коментари