ВМРО-ДПМНЕ: Скандалозно е и ангажирањето на Стаменковски како советник на Заев

Скандалозно е ангажирањето на поранешниот шеф на одделот човечки ресурси на Основен Суд Скопје 1, Горан Стаменковски, како советник на Зоран Заев, смета опозицијата.

Портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Димче Арсовски денеска на прес-конференција обвини дека Стаменковски го напаѓал портпаролот на судот и влегувал во директна конфронтација со Претседателот на Основниот суд.

„Единствената квалификација која што ја има Стаменковски за да биде советник за социјална политика е тоа што човекот бил редовен учесник на вандалските протести на „Шарената револуција“ и се има фотографирано со сите сомнителни карактери од СДСМ. Дали можеби граѓаните од своите пари го плаќаат човекот кој треба да биде линк помеѓу Зоран Заев и Џолев кој е претседател на Судот? Дали можеби Стаменковски го советува Заев во врска со неговите судски рочишта и сите останати рочишта против неговите неистомисленици? Зоран Заев со ваквата одлука ја става под сериозен сомнеж независноста на оваа институција. Трагедија е што вакви лица кои заради политички пазар ги назначил Заев, ги плаќаат директно граѓаните“, изјави Арсовски.

ВМРО-ДПМНЕ претходно побара повлекување и на Силвио Аврамовски, за кого велат дека јавноста уште бара одговор дали тој бил осуден за вооружен инцидент и пукал врз специјалните безбедносни сили во Тетово.

„Јавноста ја интересира дали тој е осуден и одлежал затворска казна или пак е амнестиран за делото кое што го сторил?“, прша Арсовски.

Тој додаде дека Зоран Заев и Владата исто така втор ден молчат и не коментираат околу, како што велат, скандалозното ангажирање на Ѓорѓи Калајџиев кој е уредник на регионалната  ВИС телевизија во Струмица.

„Дали Ѓорѓи Калајџиев со парите на граѓаните истовремено ќе има задача да ги величи политиките на Зоран Заев и СДСМ, токму во медиумот кај што е новинар во моментов, а тоа е телевизијата ВИС?“, изјави портпаролот.

ВМРО-ДПМНЕ смета дека  тројцата треба да се повлечат од советничките позиции.

извор: Makfax

Поврзани

Најнови вести

Коментари