ВМРО-ДПМНЕ: Нерасчистени убиства, грабежи и палења автомобили станаа наше секојдневие

Република Македонија со СДСМ на власт тоне, реагираат денеска во соопштение од опозициската ВМРО-ДПМНЕ.

Од партијата велат дека економијата стагнира, правната држава е деградирана, институциите се злоупотребуваат, а Буџетот се користи како средство за богатење на криминалниот картел на чело со Зоран Заев.

„Една година СДСМ е еднакво на една година катастрофа за државата. Економијата лани немаше раст. Растот беше 0%. Стопанството е во општ пад. Стандардот на граѓаните е се полош, а платите на граѓаните во февруари се за 867 денари помали од платите во јануари оваа година. Градежништвото, гранка која е мотор на економијата е во стагнација. За 45% е помал бројот на издадени градежни дозволи во март оваа година, во однос на март лани. На државата и се случува економска катастрофа во режија на економското цунами, Заев – Тевдовски – Анѓушев“, стои во партиското соопштение.

Покрај тоа од ВМРО-ДПМНЕ наведуваат дека и безбедноста е нарушена, а граѓаните не се чувствуваат сигурни.

„Нерасчистени убиства, грабежи и палења автомобили станаа наше секојдневие. Правната држава е разнишана во своите темели, а правосудните органи не одлучуваат по закон, туку по диктат. Додека обичниот граѓанин се казнува за најобичен прекршок, премиерот кој е фатен како флагрантно бара поткуп под политички притисок бега од кривична одговорност“, се наведува во соопштението.

Исто така опозициската партија обвинуваат дека власта лажно и декларативно се залага за евроатлантска интеграција, а всушност ништо не презема во таа насока.

„Република Македонија оди во непосакуван правец. Остатоците од транзицијата со последни сили сакаат да ја остават државата во мрачниот период на минатиот век. Картелот сака да ја одржи ситуацијата на заробена држава и нефункционални институции, кои ги креираа за да ги штитат од санкцијата до која неминовно мора да дојде“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

извор: Makfax

Поврзани

Најнови вести

Коментари