ВМРО-ДПМНЕ му го спаси гласот на Вангеловски во судскиот совет

На денешната седница на Комисијата за политички систем, беше расправано околу дисциплинската одговорност на судовите. Предлогот за измените во овој закон кои се поставени во три дела се поднесени од министерството за правда и усогласени со опозицијата. Во Законот за судски совет најголемата измена е во делот на одземање на правото на глас на претседателот на Врховниот суд.

„Министерството за правда смета дека покрај министерот за правда кој нема право на глас во Советот,право на глас не треба да има ни претседателот на Врховниот суд. Тука не успеавме да се усогласиме со опозицијата и го вративме правото на глас на претседателот на Врховен со тоа што во големиот пакет измени за судскиот совет кој ќе следи јуни и јули каде ќе се утврдува мандатот на членовите повторно ќе се размислува околу правото на глас на претседателот на Врховен суд“, рече заменикот министер за правда Оливер Ристовски.

Законите за кривична постапка и Јавно обвинителство денеска не се најдоа на дневен ред на Комисијата за политички систем затоа што тие веќе се во парламентарна процедура, објасни Ристовски, по што додаде дека измените во овие закони се мали и прецизни.

„Во законот за кривична постапка измените се околу ПИМ мерките, но се работи за кратки и прецизни измени кои не беа денеска предмет на расправа бидејќи веќе се во парламентарна процедура. Ова гласање требаше да се одржи минатата недела но се одложи поради внатрепартиско усогласување кај опозицијата“, рече Ристовски.

Тој информираше дека овие закони ќе одат на Венецијанска комисија, по што ќе видат што ќе се случи. Доколку во јуни од комисијата добијат забелешки, законите повторно ќе бидат предмет на разгледување .

„Овие закони се дел од планот 3-6-9, дел од усогласувањето со забелешките на Прибе, но највеќе со забелешките од Венецијанската комисија од 2015 година. Европа ги бара овие закони, го бара и третиот голем сет во кој е потребно подлабока анализа поради тоа што ќе се смени целиот концепт на работата на Судскиот совет. Членовите кои се избрани да судат, а повремено да одат на седници на Советот, а петте члена избрани од Собранието да си ја работат својата работа и меѓу нив не може да има активни судии и да доаѓаат само на седниците на Советот“, рече заменик министерот.

Тој исто така информираше дека сетот на закони за Јавно обвинителство и за Советот на јавни обвинители со странски експерт во нацрт форма ќе се работи оваа недела, а потоа работните групи при министерството за правда ќе изработат драфт и предлог верзија на двата закони. Доколку се одлучиме да биде двотреитнско бирањето тоа ќе влезе во Законот.

Реформите во судството ќе траат, не е само до законите, тие не беа лоши и претходно ова се само доусовршувања на законите кои сепак не можат да ги сменат судиите. Се надеваме дека судиите сами ќе сфатат дека треба да бидат сменети и дека треба да судат во интерес на граѓаните на Република Македонија, рече Ристовски.

Виктор Јованов

извор: Makfax

Поврзани

Најнови вести

Коментари