logo
logo
logo

ВМРО-ДПМНЕ ќе предложи и рефундирање на парите за граѓаните што морале да се лекуваат во приватна болница

Vecer | 14.04.2021

ВМРО-ДПМНЕ ќе предложи и рефундирање на парите за граѓаните што морале да се лекуваат во приватна болница

ВМРО-ДПМНЕ ќе ги поддржи законските измени со кои ќе се ограничи цената за лекување во приватните болници, но ќе предложи и рефундирање на парите на оние граѓани што веќе се лекувале таму бидејќи немало место во државните болници.

„Не само што ќе даде поддршка туку и ќе предложи тоа да се прошири и на оние пациенти што досега ги користеа услугите на приватните болници, односно доколку имаат соодветен доказ да го приложат и државата да им ги рефундира трошоците. Затоа што 14 месеци потоа, 4 000 починати и повеќе од 130 000 луѓе, ним вчера им текна дека треба да ги ограничат цените. Тоа требаше на почеток да се случи, ама кога веќе не се случи, дајте барем на овие да им помогнеме и да им ги рефундираме трошоците што ги направија“, изјави претседателот на партијата, Христијан Мицкоски.

Предлогот на ВМРО-ДПМНЕ, според неговата изјава, ќе биде рефундирањето да важи само за оние граѓани што не биле примени во државна болница и морале да заминат во приватна.

„Тие што одлучиле од други мотиви да го користат приватното здравство наместо јавното, тоа е нивен избор и поинаква одлука. Но за оние за кои немало место, треба да се рефундираат трошоците“,рече Мицкоски.

Според предложените законски-измени што вчера поминаа на владина седница и беа испратени до Собранието, максималната цена што би ја платиле граѓаните за лекување во приватна болница ќе биде 300 000 денари (5 000 евра).

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk