logo
logo
logo

Propaganda-Zentrale

Владата во 2019/20 ИСПЛАТИЛА МИЛИОН ЕВРА на „анонимни“ лица ЗА ПРОПАГАНДА

Vecer | 06.04.2021

Владата во 2019/20 ИСПЛАТИЛА МИЛИОН ЕВРА на „анонимни“  лица ЗА ПРОПАГАНДА

Владата со над 250 вработени во Генералниот секретаријат, дополнително лани во декември ангажирала 58 луѓе, ама за разлика од вработените што се наведени со име и презиме, овие хонорарци се скриени, па, и покрај сите декларирани заложби за транспарентност, Владата инсистира тие да останат – анонимни.

Бирн во своето истражување преку Барање за слободен пристап до информации од јавен карактер ги доби сите фактури што биле исплатени преку авторската агенција „Артпицк“ за декември 2020 под ставката други договорни услуги.

Станува збор за хонорари, кои вкупно за еден месец изнесуваат над 37 илјади евра. Во нив спаѓаат ангажмани како: пишувач на соопштенија од пресови, пишувачи на разни студии, организатор на продукција, советник за борба против ковид-19, графички дизајнер, монтажер, советник за геодезија, советник за европски интеграции, преведувачи…

Владата заштитувајќи ја „приватноста“  под контото 425990 што се води како „други договорни услуги“  во декември 2020 исплатила 58 фактури, односно само за две години, односно од 2019 до 2020 година, преку конто 425990 исплатила над еден милион евра.

Се чини дека оваа ставка е широко сметководствено покритие за под тој назив да се исплаќаат хонорари за разни услуги.

Дека владата „ја опслужува“ мини-армија ангажирани лица во делот со пи-арот и медиумите се актуализира во првиот мандат на СДСМ од 2017 година, кога медиумите објавуваа податоци за бројот на ангажираните лица во овој сектор.

Во Генералниот секретаријат на Владата има Сектор за односи со јавноста со четири одделенија и 17 вработени.

Дополнително во Кабинетот на премиерот за ангажман поврзан со медиуми работат уште неколкумина: советник за медиумски реформи, советник за дигитални комуникации, советник за информативни активности, раководител и помошник-раководители на секторот и одделението за односи со јавност, како и соработник за односи со медиуми.

Во секторите за медиуми се вработени вкупно дваесетина. Но, тие не се доволни. За потребите за „односи со јавност“, Владата во декември ангажирала уште 24 лица.

Сè укажува на тоа дека станува збор за редовен ангажман, кој месечно се повторува и исплаќа, иако ангажирањето хонорарни соработници се објаснува со „зголемен обем на работа“, односно, како што ни одговорија од Владата, поради „далеку поголемиот квантум на информации што се објавуваат на дневна база“.

Токму затоа процениле дека се неопходни „повеќе и поспецифични човечки ресурси, кои ќе овозможат континуирано висок степен на транспарентност и достапност на информации“.

Но, таквата транспарентност ја снемува кога се поставува прашањето кои се тие што се грижат за „континуирано висок степен на достапност на информации“.

На прашањето зошто не ги објават имињата на оние што се хонорарно ангажирани, од Владата – наместо одговор, за Бирн изјавиле дека во целост се придржуваат до „Стратегијата за транспарентност и до препораките од Греко“.

Призма/Бирн

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk