Премиерот Зоран Заев денеска во Брисел оствари средба со претседателот на Европскиот парламент (ЕП), Давид Сасоли.
Како што информираат од владината прес-служба, Заев на средбата со Сасоли нагласил дека неговата посета на Брисел во деновите кога министрите за надворешни работи на земјите-членки на ЕУ дебатираат за стратешкиот пристап на Унијата кон земјите од Западниот Балкан, има за цел да биде слушната пораката дека Македонците и граѓаните на Северна Македонија нема да преговараат за сопствениот идентитет и нема да дозволат таа тема да биде ставена на масата за дебата, во име на стартот на преговорите со ЕУ.
[embed]https://www.youtube.com/watch?v=sXll20jLvYQ[/embed]
Премиерот воедно побарал поддршката што континуирано ја дава ЕП да биде уште понагласена во претстојниот период, за да се одобри организирање на првата меѓувладина конференција меѓу Северна Македонија и ЕУ како почеток на процесот за пристапување на земјата во членството на ЕУ.
Заедно со премиерот Заев на средбата присуствуале и вицепремиерот задолжен за европски прашања, Никола Димитров, министерот за надворешни работи Бујар Османи и шефицата на Постојаната мисија на Северна Македонија во ЕУ, Руси-Поповска.
makfax.com.mk