(Видео) Заев на состанок со Борисов: Нашите две земји се пример за новата реалност на Балканот

Нашите две земји се пример за новата реалност на Балканот, изјави премиерот Зоран Заев по состанокот со неговиот бугарски колега, Бојко Борисов што се одржа денеска во Софија.

„Имплементацијата на сите точки од договорот оди многу добро. Економската соработка никогаш не била подобра. Имаме стабилна трговска размена од над 500 милиони евра, со пораст од 12% во 2018 година и нема да престанеме додека не стигнеме трговска размена од 1 милијарда евра, што побрзо“, изјави Заев по средбата.

Премиерот најави дека во тек е договарање на втората меѓувладина седница на двете земји која треба да се одржи во декември во внатрешноста на Република Бугарија и на која ќе се разгледуваат новите перспективи на соработка и ќе се констатираат досегашните реализирани проекти. Тој изрази особена радост за интензивирањето на прекуграничната соработка, отворањето на новите заеднички гранични премини и двата гранични премини кај Пехчево – Симитли и Делчево – Невестино.

„Континуитетот на изградбата на патната и железничката инфраструктура на Коридорот 8, продолжува буквално од Скопје до бугарската граница се гради од три компании огромна патна инфраструктура, првата делница од железничката инфраструктура исто така завршува, во моментов во тек е изборот на техничкиот дел од изборот на втората делница од железничката инфраструктура којашто Скопје го поврзува со Софија“, соопшти Заев и додаде дека се работи на проектната документација на уште едно гасоводно поврзување помеѓу Република Македонија и Република Бугарија, помеѓу Петрич и Струмица.

Премиерот рече дека ваквиот зголемен интензитет на соработка на заеднички проекти меѓу другото е резултат на огромната поддршка што Република Бугарија и ја пружа на нашата земја, посебно во нашите амбиции за ЕУ и НАТО интеграција.

„Нашите две земји се пример за новата реалност на Балканот. На две соседни земји кои ги надминаа минатите делби и создадоа меѓусебни односи на блиски пријатели и на меѓусебни односи на доверба. Воедно сакам да ги информирам граѓаните на Бугарија дека интензивно работиме на отворањето на комплетната инфраструктура и пристапност до локацијата на споменикот на полковник Каварналиев во областа на Дојран. Истовремено после завршување на поставувањето на споменикот на полковникот Каварналиев во областа на Дојран, којшто беше уништен низ годините наназад, ќе ја возобновиме и плочата на Кајмакчалан. Тоа не обврска од договорот, тоа е обврска од пријателството, тоа е обврска на сите нас да ги зближиме двата народи и нашите земји, да продолжи соработката“ изјави премиерот Заев.

Тој рече дека со Република Бугарија заеднички одбележуваме празници, датуми и ликови и заедно ги празнувавме празниците посветени на Светите браќа Кирил и Методиј на 24 мај во Рим, споделивме заедничко празнување на Илинден и во Скопје и во Благоевград и објави дека заедничката мултидисциплинарна експертска комисија работи со полно и веќе има одржано два состаноци, а третиот е закажан за крајот на ноември.

Претседателот на владата на Република Бугарија, Бојко Борисов во својата изјава ја нагласи зголемената соработка помеѓу двете земји, перспективите за нејзино продлабочување и го нагласи поврзувањето на двете земји во повеќе области како што се културата, образованието и економијата, како исклучително значајно.

извор: Makfax

Поврзани

Најнови вести

Коментари