(Видео) Заев: Борците од НОВ се луѓе кои направиле избор, ние денес имаме сличен предизвик

Премиерот, Зоран Заев, денеска присуствуваше на заедничката прослава на големиот државен празник 11 Октомври, во Куманово, во организација на општините Прилеп и Куманово.

На одбележувањето на празникот, кое се одржа на локацијата спомен-костурница во Куманово, Заев имаше свое обраќање во кое поздравувајќи ги присутните делегации и граѓаните на Куманово истакна дека со акциите извршени на овој ден во 1941 година, бил означен почетокот на востанието на македонскиот народ, и на сите други граѓани во Македонија, против фашистичкиот окупатор.

„Тој ден тие луѓе направија избор. Историски избор, и потоа не само во Куманово и Прилеп, туку низ цела Македонија, се кренаа на крилјата на идејата, на мислата, на стремежот, Македонија да ја направат дом на слободата, победник над фашистичкото зло. Презедоа одговорност да станат дел од светскиот победнички сојуз на државите што се кренаа против фашистичката закана“, посочи премиерот.

Потоа Заев повлече паралела со денешните политички случувања во земјата и кажа дека ова е време кога нашата генерација е исправена пред избор што ќе ја одреди иднината на државата и на генерациите што доаѓаат.

„Затоа мораме да продолжиме, одлучно и храбро во остварувањето на нашата стратешка цел во оваа фаза од нашата историја – побогато општество и повеќе можности за сите, членството во НАТО, а потоа и членството во Европската Унија“, нагласи премиерот.

Тој додаде и дека вистинскиот патриот го почитува минатото на својата земја, но, како што рече, многу поважен е неговиот поглед кон иднината и порача дека сега е време да им се докаже на последните скептици дека Република Македонија е новата ѕвезда во европското соѕвездие.

На настанот во Куманово, премиерот беше придружуван од министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, вицепремиерот задолжен за европски прашања, Бујар Османи, министерот без ресор задолжен за комуникации, транспарентност и отчетност, Роберт Поповски и министерката без ресор задолжена за странски инвестиции, Зорица Апостолска.

извор: Makfax

Поврзани

Најнови вести

Коментари