logo
logo
logo

(Видео) Владата објави кои лица нема да бидат опфатени со полицискиот час

Vecer | 09.03.2021

(Видео) Владата објави кои лица нема да бидат опфатени со полицискиот час


Портпаролот на Владата, Душко Арсовски, на денешната прес-конференција информираше за повеќе детали во врска со полицискиот час кој стапува на сила од утре (10 март) и ќе важи до 22-ри месецов во период од 22 до 5 часот наредниот ден.

Арсовски нагласи дека одлуката за забрана за движење нема да важи за патниците што доаѓаат или заминуваат од меѓународните аеродроми и за патниците во меѓународниот превоз на патници.

[embed]https://www.youtube.com/watch?v=FexwOfyD8YQ[/embed]

„За време на полицискиот час, како дозвола за движење ќе им се признаваат авионските карти. За транспортерите на лица и на стока кои транспортот го спроведуваат за време на забраната за движење, како дозвола ќе се прифаќа патниот налог, додека транспортерите што транзитираат ќе имаат обврска најмногу за 3 часа да ја напуштат земјата од еден на друг граничен премин“, објасни портпаролот.

Надлежните служби на граничните премини ќе ги пропуштат патниците кои со лични возила ја напуштиле земјата пред воведувањето на полициски час, при што ќе се спроведуваат и досега активните мерки за задолжителен ПЦР тест за оние што доаѓаат од земји за кои оваа постапка е задолжителна.

Арсовски посочи дека Министерството за информатичко општество е задолжено да објави соопштение со кое ќе ги извести граѓаните и економските оператори дека се обновува важноста на веќе издадените дозволи од претходните одлуки за забрана на движење.

„Потврдите издадени минатата година преку порталот uslugi.gov.mk за правните лица, остануваат да важат. Доколку има потреба од нови дозволи за движење, за државни институции, за вработени кои досега немале вакви дозволи ќе бидат издавани преку овој портал“, соопшти владиниот портпарол, додавајќи дека ресорното министерство ќе им ги преиздаде решенијата за слободно движење на оние кои во меѓувреме ги загубиле, како и на оние кои имаат дополнителни барања.

Отстапки од забраната ќе има и за сите граѓани кои за време на полицискиот час имаат потреба од итна медицинска помош и за слободно движење оваа потреба ќе треба да ја најават на службата 192, на телефонот на Министерството за внатрешни работи, при што ќе ги дадат потребните лични податоци за себе и за оној кој ќе ги придружува, притоа информирајќи за линијата на движење.

Дополнителните исклучоци во однос на забраната и посебниот режим на движење на населението и возилата, доколку има потреба, ќе ги утврдува Главниот координативен кризен штаб, во соработка со надлежните органи на државната управа.

Aрсовски на прес-конференцијата потсети и на одлуката за 14-дневен карантин за сите патници кои доаѓаат во земјава од Африка.


makfax.com.mk

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk