(Видео) Собранието ги прифати препораките на Омбудсманот за начинот на приведување на лицата со имунитет

На денешната 32. седница на Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците, заменикот народниот правобранител, Васка Мустафа, пред пратениците го презентираше извештајот за работата на Омбудсманот за изминатата година по кој Собранието одлучи да прифати 71 препорака од 20 области.

Меѓу препораките кои ги прифати Собранието се и оние за регулирање на постапката за приведување и лишување од слобода на лица кои уживаат имунитет. Во таа насока, ова прашање Собранието треба да го уреди со јасен и прецизен начин во Законот за кривична постапка.

Во областа на полициските овластувања, Собранието прифати уште неколку препораки од Народниот правобранител меѓу кои и почитување и применување на начелото на пресумпција на невиност, унапредување на капацитетите, стручноста и независноста за спроведување на целосни и квалитетни истраги.

Во областа Правосудство, Собранието прифати седум препораки од Омбудсманот и тоа, Владата да преземе мерки за ефикасно остварување на правната заштита на граѓаните како и измени во Законот за управните спорови со цел воведување императивни одредби за задолжително одржување јавни расправи.

Меѓу другото, Народниот правобранител посочува на потребата од преиспитување на постапките по кои постапува Јавното обвинителство, причините за недонесување на одлуки, и неефективните истраги за предмети против полициските службеници.

Омбудсманот побара и остварување на надлежноста на Народниот правобранител да дејствува како пријател на судот со право да учествува на рочиштата давајќи предлози и мислења согласно утврденото во Законот за Народен правобранител. Оваа забелешка исто така беше прифатена од страна на Собранието.

Виктор Јованов

извор: Makfax

Поврзани

Најнови вести

Коментари