Актуелното раководство на Социјалдемократскиот сојуз Неготино на чело со Градоначалникот Делков и Претседателот на Советот Витанов, на локалните избори во 2017-та година ветуваа „Живот во Неготино“, но живот во Неготино за жал, има само за нив и за дел од нивните семејства и сопартијци, изјави на прес-конференција Златко Пенков, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ.

„ Сведоци сме дека во изминативе речиси четири години единствена константа во нивното работење се партиските вработувања. Најпрво на чело на институциите во општината поставија раководни кадри кои во најголемиот дел се одликуваат со неспособност и некадарност, но истите покажаа исклучителна способност во вршењето мобинг и притисоци врз вработените лица во институциите“ рече Пенков.

Тој нагласи дека за четири години направени се повеќе од 200 нови вработувања во државни и јавни институции во општина Неготино. Во најголемиот дел, како што рече, станува збор за вработувања на лица кои не поседуваат никаков квалитет, освен што се партиски војници на Социјалдемократскиот сојуз или се во роднинска врска со високи партиски функционери.

„ Во недостиг на нови инвестиции и отворање на нови стопански капацитети во општина Неготино, кои очигледно воопшто не им се предизвик на Социјалдемократскиот сојуз, најголемиот дел од нив се вработени во ТЕЦ Неготино и „Македонија пат“. Во „Македонија пат“ досега се вработени повеќе од 30 лица, а посебен е случајот со ТЕЦ Неготино каде што досега се вработени повеќе од 50 лица, а во најава се вработување на уште нови лица. Јавно прашуваме: Од каде е потребата за нови вработувања во ТЕЦ кога дел од нововработените воопшто не одат на работа, а земаат плата?!

Исто така, во најава има и нови вработувања на ЈП Паркинзи за нови 14 лица, од кои најголеми дел се повторно ќе бидат административци. ВМРО-ДПМНЕ повторно предупредува дека ова претпријатие според сите параметри ќе работи нерентабилно, ќе служи само за вработување на партиски кадри од Социјалдемократскиот сојуз и ќе служи како инструмент за предизборни лажни ветувања и манипулации“ истакна Пенков.

Тој додаде дека очекуваат трендот на нови вработување и огласи да продолжи во наредниот период, се со цел сега предизборно да се згрижат што е можно повеќе активисти на СДСМ.

„ При тоа најавуваме ревизија на секој оглас и на секое вработување посебно, како и одговорност од страна на раководните кадри. Трендот на партиски вработувања мора да запре. Затоа, ВМРО-ДПМНЕ во пресрет на локалните избори, ќе понуди нови луѓе со визија, цел и личен интегритет на кои приоритет ќе им бидат потребите на граѓаните, а не семејно-партиските вработувања врз товар на Буџетот од граѓаните. Истовремено, ВМРО-ДПМНЕ ќе понуди и сериозна Програма за вистинско решавање на проблемите на нашите сограѓани и за просперитет и развој на општина Неготино“ порача Пенков.

makfax.com.mk