Народот три пати му испраќа порака, a Заев три пати вика дека ја разбрал, а продолжува да лаже и да краде, обвини денеска членот на ИК на ВМРО-ДПМНЕ, Драган Ковачки.

Според него, актуелниот премиер треба да си даде оставка и од владата и од функцијата лидер на СДСМ.

„На Зоран Заев на 22 април 2019 година во тек на кампањата за претседателски избори му беше дадена метла што требаше да биде метафора за да направи промени во работењето. Тогаш Заев кажа: ‘Секако ќе има чистки и секако дека ќе расчистиме, граѓаните ни испратија порака дека има незадоволство од централната и локалната власт’“, потсети Ковачки, потоа наведувајќи примери со цел да докаже дека тоа не се случило.

Претставникот на ВМРО-ДПМНЕ понатаму во обраќањето укажа на настан кој се случил една година подоцна од претходно наведениот.

„На партискиот конгрес Заев повторно со истите лаги кон народот кажа – Следува реформа на досегашната кадровска понуда на СДСМ ќе внесеме нова енергија во нашите редови, ќе ги отвориме вратите за сите оние кои се блиски до социјалдемократските идеи, ќе ја продлабочиме започнатата борба против висока корупција и криминал и ќе ја креваме мотивацијата на нашите граѓани“, објасни Ковачки, по што наведе примери како поткрепа дека и тогаш ништо не се случило.

Како што истакна претставникот на ВМРО-ДПМНЕ, по третата разбрана порака може да биде само полошо со Заев.

„Тоа не го велат само граѓаните, тоа го велат истакнати членови на СДСМ кои се освестија и кои гледаат дека насоката во која што ја води Заев државата е погрешна. Залудено Заев бара уште една шанса, тој ги прокоцка сите шанси, а ги прокоцка и нашите пари, дел од нашите животи, ги стави на коцка судбините на сите граѓани само за да ја зачува сопствената власт за да прави криминал“, нагласи Ковачки и порача дека граѓаните веќе избрале промени, проекти и победи и како што кажа, останува уште еден голем исчекор, на 31 октомври.

 

makfax.com.mk