Функционери од власта се обидуваат да местат тендери со изготвување на спецификации за набавки со што се фаворизира еден понудувач и однапред се исклучува можно пријавување на повеќе понудувачи, обвини на денешната прес-конференција пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Игор Јанушев.

„До нас пристигнаа информации кои фрлаат сомнеж дека така ‘скроена’ спецификација е направена при распишување на оглас за набавка на пневматици од страна на МВР, кој бил распишан на 09 октомври 2019 година, а за кој имаме сомнежи и информации доставени од свиркач дека помошник министерот во МВР задолжен за јавни набавки – Андријана Савеска Павловска, вршела притисок врз лицата кои го изготвуваат огласот да ја променат спецификацијата, со што таа би можела да фаворизира еден понудувач“, посочи Јанушев.

Тој нагласи дека Савеска Павловска е поставена на функцијата пред нецела година и како што кажа, според партиските информации вршениот притисок е регистриран и пријавен и за него постои службена белешка во МВР.

„Посочената Савевска Павловска во тој момент не била надредена на лицето кое ја подготвувало тендерската документација и огласот, а за ваквиот притисок е известен и тогашниот помошник министер кој е сега во пензија, но реакција од МВР нема“, кажа претставникот на опозициската партија.

Јанушев информира дека со одлука на МВР тендерот е добиен од страна на „Пнеуматик Груп“ ДОО Скопје, врз основа на најниска понуда, но по жалба од „Мотоцентар“ жалбата се усвојува и се враќа на повторно одлучување, по што МВР повторно одлучило исто и повторно го избирало „Пнеуматик Груп“ ДОО Скопје. „Мотоцентар“ уште еднаш се пожалил, но повторно неуспешно, за на крај МВР да ја поништи постапката и повторно да распише нов оглас.

„На новиот оглас кој е распишан на 16 март годинава, погодувате, повторно е избрана фирмата ‘Пнеуматик Груп’ ДОО Скопје, а оваа одлука повторно е во постапка по жалба“, нагласи Јанушев.

makfax.com.mk