(Видео) Гочев: Во фондот од кој се плаќаат казните за шарените револуционери останати се околу 700 илјади денари

Одлуката да бидам казнет за учество во шарената револуција ја сметам за скандалозна бидејќи не е утврдена фактичката состојба дека јас како личност сум одговорен, вели Александар Гочев, кому му е изречена пресуда за извршено прекршочно дело при што треба да плати глоба од 100 евра поради фрлање балони со боја врз Собранието на РМ и други институции во мај 2016 година.

Меѓутоа, како што вели тој, во истрагата не е утврдено со кој вид боја, со кој балон и на кој начин ја оштетил фасадата на зградата на Собранието.

„Имаме право на жалба во рок од 8 дена и се надевам дека институциите ќе профункционираат и ќе судат согласно со правото, а не желбите и потребите на некои лица кои сѐ уште ги држат спрегите во Министерството за внатрешни работи“, вели Гочев.

Тој тврди дека прекршочни пријави пристигнуваат и кај други шарени револуционери, и тоа во голем број. Како што нагласи Гочев, казните ќе бидат платени од фондот што се собираше за време на револуцијата.

„На координацијата што ја имавме со луѓето од шарената револуција разговаравме за сумата што е собрана во фондот. Останати се околу 700 илјади денари бидејќи претходно имаше неколку постапки кои беа подмирени од тој солидарен фонд. Мојата казна можеби нема да биде приоритет, но она што ќе биде, ќе се исплаќа од тие средства со цел да се излезе во пресрет на сите кои имаат финансиски последици од шарената револуција“, истакна Гочев.

Според него, одговорен за солидарниот фонд е координативното тело на шарената револуција каде и моментално се паричните средства со кои ќе бидат исплаќани казните на учесниците.

Адвокатот, Јанаки Митрoвски, смета дека одлуката на Комисијата за прекршочни дела да ги казни лицата кои фрлале со боја врз институциите е неиздржана поради тоа што не е посочено точно колкава штета е направена и конкретно кои балони на кој дел од зградата направиле штета.

„Обвиненијата треба да се повлечат, воопшто не треба да има постапка, конкретно за случајот со Павле Богоевски евидентно беше дека е политички прогон, но останува да виси во воздух прашањето што со другите лица кои подлежат на политички прогон, а не е прекината постапката“, вели Митревски.

 

 

извор: Makfax

Поврзани

Најнови вести

Коментари