logo
logo
logo

(Видео) Гарванлиев: Уметничкото дело во спотот беше погрешно сфатено, а интервјуто е снимено лани

Vecer | 15.03.2021

(Видео) Гарванлиев: Уметничкото дело во спотот беше погрешно сфатено, а интервјуто е снимено лани

Македонскиот претставник на овогодинешниот избор на песна за Евровизија, Васил Гарванлиев, преку видео се обрати до јавноста за бугарскиот пасош и за промената на спотот.

Вели дека уметничкото дело на кое беа препознаени боите на бугарското знаме било погрешно сфатено, а потоа сменето поради реакциите. За интервјуто, Гарванлиев раскажува дека било снимено минатата година.

Пејачот образложува дека со семејството во 1997 година се преселил во Чикаго, каде живеел неколку години. Откако биле депортирани, фамилијата извадила бугарски пасоши, на основа на тоа што неговата баба била родена во селото Игралиште, надвор од Петрич. Вели дека бугарски пасош има веќе 20-ина година, а во Македонија, двојното државјанство е дозволено.

„Имам живеено 10 години во Торонто, 8 во Чикаго, 1 во Милано и 1 во Лондон, неколку со куфер патувајќи, имам застанато на светските сцени во Париз, Амстердам, Цирих, Њујорк, Чикаго, Торонто, листата продолжува. За мене најважно и најгордо нешто беше тоа што, првата реченица во мојата биографија низ цел свет беше: „Македонскиот баритон Васил Гавранлиев ја започна својата кариера на 7 години во својата родена земја“, вели Гарванлиев.

Македонскиот претставник во видео обрќањето вели и дека со душа чека да застане на таа сцена и да вибрира во црвено-жолта боја.

За видео спотот, раскажа дека во моментот кога дознал дека луѓе се погодени и по грешка било сфатено тоа дело во музејот, спотот бил сменет. За интервјуто што циркулира викендов, пејачот вели дека било снимено пред една година.

„Во музика нема политика, нема раса, нема боја, има љубов, има човештво, има енергија. Ако некој е повреден од тоа што јас го направив ненамерно, многу случајно, јас се извинувам од сесрце. Не се извинувам за тоа што сум јас, но ако имам повредено некој, кои и да сте, простете ми. За крај ве оставам со преводот на рефренот на „Here I stand“: Сите ќе пробаат да те скршат и соборат, без да знаат дека тоа те прави посилен да продолжиш понатаму“, додава македонскиот евровизиски претставник во обраќањето.

Претходно денеска беше отворена петиција, со која се бара повлекување на Васил Гарванлиев како претставник на Македонија на „Евровизија“.

 

makfax.com.mk

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk