logo
logo
logo

Вакцинирани над две третини од пратениците, имунизацијата на владините претставници по Велигден

Vecer | 24.04.2021

Вакцинирани над две третини од пратениците, имунизацијата на владините претставници по Велигден

Во спортската сала А1 Арена – Борис Трајковски вчера започна вакцинацијата на пратениците со вакцината „Спутник В“, додека паралено продолжи и вакцинацијата на постарите граѓаните. Министерот за здравство Венко Филипче најави пристигнување на околу 26.000 дози од вакцината „Фајзер“ и 200.000 на „Синофарм“ до 28 април, потенцирајќи дека имунизацијата поинтензивно ќе продолжи да се спроведува по велигденските празници.

Претседателот на Собранието Талат Џафери во вчерашното интервју за емисијата „Само вистина“ на телевизијата Канал 5, изјави дека кај пратениците има голем интерес да се вакцинираат и оти очекува работата на Парламентот да се нормализира кон средината на мај.

Според неговите податоци, до 16 часот вчера биле вакцинирани две третини од пратениците, но немаше информации колку уште примиле вакцина до 18 часот.

– Важно е вакцините да се ефикасни. Не треба да се политизира имунизацијата, нагласи Џафери, на прашањето дали се согласува што е вакциниран со руската вакцина „Спутник В“.

Тој, меѓу другото, истакна дека двајца вработени во собраниските служби починале како последица на Ковид-19 и затоа на службите им била дадена предност за имунизација.

– Очекувам работата на Парламентот да се нормализира кон средината на мај. Да се вратиме во нормални услови за работа, во салата предвидена за пленарни седници каде има систем за електронско гласање, вели Џафери.

Министерот за здравство Венко Филипче вчера изјави дека вакцинацијата се одвива добро на територија на целата држава и дека се останати по 5.000 дози од вакцината на „Астра Зенека“ и „Фајзер“, како и на „Синофарм“. Тој најави и пристигнување на околу 26.000 дози од вакцината „Фајзер“ и 200.000 на „Синофарм“ до 28 април. Вакцинирањето поинтензивно ќе продолжи да се спроведува по велигденските празници.

По Велигден ќе се вакцинираат и владините претставници, кога и се очекува во земјава да пристигнат првите поголеми количини на вакцини, соопшти вчера Филипче.

– Владините претставници се пријавени на сајтот „Вакцинација.мк“, така што кога ќе пристигнат првите поголеми количини, пред се мислам на кинеските вакцини, за кои најавено е дека ќе стигнат на 28 април и ќе бидат дистрибуирани ширум државата, за во вторник веднаш после празникот Велигден да започне вакцинацијата со тие вакцини и мислам веќе ќе бидат на ред и други институции кои спаѓаат во делот на критичната инфраструктура, рече Филипче.

Тој апелира граѓаните да се пријавуваат за вакцинација и смета дека со кампањата што ќе почне наскоро од Владата ќе се зголеми интересот за вакцинирање.

– Околу 150 илјади граѓани во овој момент се пријавени и тоа ќе биде начинот на кој ќе го продолжиме процесот на имунизација, изјави Филипче.

Филипче вели дека нема форма на вакцинален пасош, туку има потврди кои се прифаќаат од земјите во регионот. Тие, како што вели, се подготвени и веќе од следната недела ќе се издаваат. Засега информациите, додава тој, се дека за влез во Грција освен таа потврда, алтернатива е негативен ПЦР-тест.

Министерот за здравство вчера соопшти и дека епидемиолошката состојба предизвикана од коронавирусот последните денови се подобрува, се намалува бројот на нови случаи позитивни на коронавирусот и на прегледите во ковид-центрите, а како што нагласи, попушта притисокот врз болниците.

Дека се намалува притисокот врз болниците, според Филипче, може да се види и од фактот што сега има хоспитализирани стотина пациенти помалку од онаа што било случај минатата недела. Исто така, појасни тој, има намалување на бројките за 50 до 100 новодијагностицирани случаи изминатите неколку денови.

 

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk