logo
logo
logo

Вакцините ги чекаме како датум за ЕУ - ГИ ИМАМЕ, АМА НИКАКО ДА ДОЈДАТ

Vecer | 06.02.2021

Вакцините ги чекаме како датум за ЕУ - ГИ ИМАМЕ, АМА НИКАКО ДА ДОЈДАТ

Додека сите држави веќе 40 дена се вакцинираат, Македонија чека да дознае кога би дошле вакцините против корона вирусот.  Датумот за вакцини стана како датум за почеток со преговори со Европската Унија. Власта вели ги имаме, ама никако да дојдат.

Постојано ги чекаме оние утре или задутре на министерот Филипче кога според него ќе се знае кога ќе пристигнат вакцините. Но, да бидеме реални тоа го викаат уште од пред еден месец.

Дека ни самите не знаат може да се види и од вчерашната изјава на министерката за одбрана Радмила Шекеринска која за Телма ТВ рече дека главниот фокус е на механизмот Ковакс, но преговараат и со производителите.

- Ние ги привршивме преговорите со „Фајзер“, ги очекуваме и првите колични  преку Ковакс, а преговараме и со кинескиот производител, рече Шекеринска за Телма.

Од изјавата на министерката Шекеринска може да се заклучи дека и покрај тоа што соопштија дека ќе добиеме 200.000 кинески вакцини, за нив се уште се преговара, што значи прашање е дали се договорени.

За вакцините на „Фајзер“ најпрвин викаа дека се договорени, за сега да викаат дека се при крај со преговорите. Тие 5000 кои требаше да дојдат во февруари, можеби ќе дојдат во март, а како да ги заборавија оние 8.000 кои требаше да се набават преку Србија, можеби ќе ги добиеме, можеби не.

И како да не им дојде памет, па се уште се потпираат на Ковакс системот. Бројката од 800.000 дози на вакцини која ја најавија, сега испадна дека ќе биде 103.200 вакцини што е премногу малку, но и за тие не знаат кога ќе пристигнат.

Додека повеќе никој не се потпира на Ковакс, владата која ни ја предводи СДСМ, не само што не успеа навреме да испреговара со производителите, туку според овие изјави може да се заклучи дека сите врати им останаа затворени.

Ништо од солидарноста на Бугарија и Грција за кои толку многу се фалеа, земјите не одвоија за Македонија ниту една вакцина, иако премиерот Заев викаше дека ќе ни помогнат како вистински пријатели. Чудно како го подразбираат пријателството, бидејќи вакцини од нив не добивме. И така до недоглед, имаме вакцини, ама ги немаме.

Заради несериозноста на власта секој изминат ден без имунизација повеќе животи се загрозени од корона вирусот.

Во меѓувреме ќе бараат оправданија дека сите држави имале проблеми, но забораваат да споменат дека сите тие државни веќе добија одредено количество вакцини.

А оправданијата дека можеле да набават, ама не набавиле за да не мислиме дека тука експериментираат, или дека не набавиле затоа што не знаат колку граѓани сакаат да се вакцинираат се премногу несериозни за да се коментираат. Македонските граѓани не добија вакцини и нивните животи се загрозени, а одговорноста е кај власта.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk