Дали од први јуни граѓаните слободно ќе дишат на отворен простор без носење на заштитна маска?

Укинувањето на оваа задолжителна мерка е тема на утрешниот состанок на Комисијата за заразни болести. Освен за маските членовите ќе расправаат и за полицискиот час како и дозвола за правење на свадби и под кои услови. Заменик министерот за здравство кој е член на ова советодавно тело очекува олеснување на рестрикциите бидејќи тоа, спроед Хасани го дозволува и моменталната епидемиолошка состојба.

Тој за Сител изјави дека е оптимист дека следната недела ќе има ублажување на мерките.

Хасани признава дека носи маска на отворено, но и како на останатите граѓани и нему му е товар кога тоа го прави на шеталиште или во парк. Лично е за укинување на оваа мерка како и на ограничувањето на движењето кое во моментот е на сила од полноќ до 4 часот наутро.

– Лично сум за укинување на оваа мерка и мислам треба да биде прва точка на Комисија утре. Сепак, Комисијата ќе донесе препораки врз основа на анализи на сите параметри, вели Хасани.

Заменик министерот за здравство очекува бројот на смртни случаи да почне да се намалува три до четири недели по намалување на бројот на новозаразени бидејќи сега во болница лежат најтешките случаи со пролонгирана болест.

Моменталната состојба според дневната статистика покажува дека на болничко лекување има 249 лица. Во главниот град изминатото деноноќие биле хоспитализирани само тројца пациенти поради влошена состојба од Ковид-19.