УСТАВНИ ИЗМЕНИ: Keep calm and let the games begin

Утре во 11 часот стартува дебатата на собраниската седница за уставните измени која треба да покаже дали премиерот на СДСМ Зоран Заев успеал да обезбеди двотретинско мнозинство. И покрај денешните непроменети ставови, мали се шансите 80 пратеници да гласаат позитивно, односно од владеачката коалиција се уште немаат став дали ги имаат потребните осум од таборот на опозицијата.

Извесен е ставот на ВМРО-ДПМНЕ, но неизвесно е како ќе го презентираат. Во опција се две можности, да учествуваат или да не учествуваат во дебатата која би требало да трае најмногу 10 дена или помалку во зависност од тоа колку ќе се пријават за збор, или пак да ја напуштат собраниската седница со што таа би траела најмногу два дена.

Коалицијата предводена од СДСМ ја повика опозицијата да ги промени ставовите бидејќи нема време за губење.

„Никој да не се надева на амнестија, решението се вонредни избори веднаш, доколку нема двотретинско мнозинство", велат од СДСМ.

ВМРО-ДПМНЕ вели дека се подготвени ако треба и за избори

„Крајно време е оваа власт да замине. Република Македонија победи на референдумот.Тоа е повик за предвремени избори", кажаа денес од ВМРО-ДПМНЕ.

Членови на твитер движењето #бојкотирам на социјалните мрежи го откриваат планот на владеачките партии кои заедно со чекори на собранискиот спикер Талат Џафери треба да донесе 2/3 мнозинство за промена на уставот во Собранието.

Според #Бојкотирам утре владеачката коалиција ќе ја отвори седницата во Собранието но нема да закажува гласање се додека не се обезбедат 2/3 од пратениците.

Спикерот Џафери има рок од 15 дена по деловник да ја одложува седницата на која што треба да се гласа.

Во меѓувреме владини и судски институции, и други влијателни луѓе треба да се активираат во убедување на најмалку 8 пратеници на опозицијата. Тие ќе имаат имаат 15 дена на располагање да ги скршат пратениците на опозицијата да гласаат за двотретинско мнозинство. Доколку овој план пропадне Заев најверојатно нема да закаже предвремени избори, а конечната одлука ќе биде донесена по трите нарачани анкети на власта за рејтингот на политичките партии, пишува движењето на Твитер. 

Пратеничката Фросина Ташевска-Ременски му испрати писмено барање на претседателот на Собранието, Талат Џафери, со кое го известува дека пратениците, но и нивните семејства, повеќе од една година се соочуваат со сериозни закани и линчувања, поради што од него бара да го извести МВР.

- Како претседател на Собранието на Република Македонија, а во контекст на општествено-политичката состојба и процесите во Собраниетo, одговорно и сериозно сакам да ве известам за нарушениот демократски амбиент во кој пратениците на Собранието на РМ ја извршуваат својата функција.

Имено, повеќе од една година е нарушен општествениот амбиент во кој пратениците се изложени на јавно искажани закани по нивниот живот, безбедноста на нивните семејства, деца и трпат сериозен говор на омраза и линч на социјалните мрежи. Сето ова, индивидуално и колективно влијае на чувството на безбедност на пратениците и нивната слобода во извршувањето на уставно и законски гарантираното право на одлучување и гласање во Собранието.

Од Вас барам да го известите Министерството за внатрешни работи да ги превземе сите неопходни активности за обезбедување на физичкиот интегритет на пратениците независно од која политичка партија доаѓаат и да го информирате Основното јавно обвинителство по службена должност да поведе истрага за сите закани упатени кон пратениците, му напиша пратеничката Ременски на Џафери.

Неодамна, писмо со закани, стигна до пратениците во Собранието, и тоа непосредно пред да гласаат за договорот за името.

 

Доколку гласањето е успешно и се прејде на отворање на уставните амандмани, ќе бидат потребни 110 дена за трите фази, или пократко поради процедурите што тоа го дозволуваат.

Грчките медиуми засега коментираат дека ситуацијата во Македонија е конфузна и нема јасна слика дали премиерот Заев обезбедил двотретинско мнозинство, но дека гласањето би се одржало во вторник, односно по два дена дебатирање во законодавниот дом.

Здружението на граѓани „Преродба" за утре најави протести и блокади пред македонското Собрание за, како што велат од здружението, продолжување на македонскиот отпор.

Протестите ќе започнат кога започнува и собраниската седница на која ќе се расправа за уставните промени. Организаторите најавуваат протести секој ден од 10 до 14 часот, сè додека не се исполни барањето за поднесување оставкана актуелната власт.

Од здружението најавија и организирање мораториумски народен собир и демонстрации пред Јавното обвинителство.

 

Поврзани

Најнови вести

Коментари