Уставен суд одлучи да им се намалат платите на вицепремиерите

Уставниот суд на Република Македонија укина дел од членот 14 од Законот за плата и другите надоместоци на пратениците и утврди дека функцијата „потпретседател на влада“ не постои во правниот промет на Република Македонија и аналогно на тоа не може да се пресметува посебен коефициент на плата за таа функција.

Ваквата одлука на Уставниот суд следува по иницијативата на политичката партија Левица. Инаку, ова значи дека на актуелните вицепремиери Кочо Анѓушев, Радмила Шеќеринска, Оливер Спасовски, Бујар Османи и Хазби Лика, платите ќе им бидат намалени.

„Правниот тим на Левица со усвоената иницијатива од страна на Уставниот суд на РМ, успеа да го укине коефициентот за плати на непостоечката функција вицепремиер. Со ова, петтемината ‘потпретседатели на Влада’, Кочо Анѓушев, Радмила Шеќеринска, Оливер Спасовски, Бујар Османи и Хазби Лика остануваат со помали плати во иднина“, напиша Димитар Апасиев од Левица.

Тој најави дека следна цел на партијата ќе биде укинување на апанажата на јавните функционери.

Во одлуката на Уставниот суд, меѓу другото, е наведено дека од анализата на Законот за плата и други надоместоци на пратениците во Собранието на Република Македонија и другите избрани и именувани лица во Републиката, произлегува дека законодавецот определил коефициент за утврдување на плата на претседателот на Владата, на потпретседателот на Владата и на членовите на Владата.

Меѓутоа, стои во одлуката, од одредбите на Уставот и Законот за Владата, произлегува дека Владата ја сочинуваат претседател на Владата и министри и дека не постои функција потпретседател на Влада. „Оттука произлегува дека со Законот за плата и други надоместоци на пратениците во Собранието на Република Македонија и другите избрани и именувани лица во Републиката се утврдува коефициент за утврдување на плата за функција која не постои во Република Македонија“, пишува во одлуката.

извор: Makfax

Поврзани

Најнови вести

Коментари