logo
logo
logo

ДВЕ ГОДИНИ УСТАВНА СУДИЈКА, А ИЗБРАНА НЕЗАКОНСКИ - Уставен остана со судија помалку, испратено е известувањето (ФОТО)

Vecer | 19.05.2025

ДВЕ ГОДИНИ УСТАВНА СУДИЈКА, А ИЗБРАНА НЕЗАКОНСКИ - Уставен остана со судија помалку, испратено е известувањето (ФОТО)

Африм Гаши, претседател на Собранието испрати известување до Уставниот суд и до Судскиот совет со кое ги информира за одлуката на Управниот суд за поништување изборот на уставната судијка Елизабета Дуковска во 2023 година. По оваа одлука треба да почне нова постапка за избор на уставен судија. Дуковска беше судијка известител во предметот во кој се оспоруваат делови од Законот за употреба на јазиците.

Изборот на Дуковска пред Управниот суд го оспори судијката Антоанета Димовска, која пред две години била една од трите кандидатки за уставен судија, а сега е член на Судскиот совет. Според Управниот суд при изборот на Дуковска две институции постапиле противуставно – Судскиот совет (тогаш претседател Весна Дамева), преку ускратување на правото на еднаква можност на останатите кандидати и Собранието (тогаш претседател Талат Џафери), кое со 64 гласа „за“ ја избра за уставна судијка. Двете институции направиле прекршувања на процедурите и Уставот.

На седница на Судскиот совет со кој претседавала Дамева „немало никаква расправа за оценките за кандидатите и со тоа начинот на кој бил утврден редоследот на гласањето за кандидатите бил арбитрарен и целосно спротивен на правилата на постапката бидејќи тие не регулираат ваков редослед на гласање, а на членовите на Судскиот совет им било познато дека нема правила за начинот на рангирање на кандидатите за избор на судија на Уставен суд, поради што не смеело да се ускрати можноста да се гласа за трите кандидати наместо само за првиот“.

Дуковска работи како уставна судијка веќе две години.

Еден од нејзините предмети од септември 2023 година се и измените во Кривичниот законик, со кои се амнестираа корумпирани функционери. Таа тогаш изјави дека за оценување на уставноста и законитоста на овие измени Уставниот суд не е надлежен да решава.

Нејзиното повлекување од Уставниот суд отвора можност за одложување на одлуката за Законот за употребата на јазиците затоа што Уставниот суд веќе донесе заклучок дека за овој предмет мора да одлучува во полн состав на судии.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2025 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2025. Vecer.mk