logo
logo
logo

Условни казни за битолските гинеколози за изведениот царски рез без лиценца

Vecer | 06.05.2021

Условни казни за битолските гинеколози за изведениот царски рез без лиценца

Условни казни  добија двајцата битолските гинеколози и лекарката од Србија која во јануари 2021 година извршила царски рез иако немала соодветна лиценца за работа во земјава.

Од ОЈО Битола соопштија дека тие ги признале делата и се спогодиле.

Првоосомничениот гинеколог, кој е сопруг на српската лекарка, се гонеше за злоупотреба на службената положба и овластување и за фалсификување на службена исправа, а со спогодбата добил казна од 8 месеци затвор, која нема да се изврши ако во рок од три гони не стори ново кривично дело.

Вториот гинеколог, кој е осомничен за злоупотреба на службената положба, се спогодил на затворска казна од три месеци, која нема да се изврши ако во рок од една година не стори ново кривично дело. Лекарката од Србија, која се гонеше за непостапување според здравствени прописи за време на епидемија, добила парична казна од 1 000 евра.

Кривичното дело надрилекарство, за кое се гонеше српската лекарска „паднало во вода“, бидејќи првиот циклус на студии ѝ бил признаен од нашето Министерство за образование и наука, како и тоа што од Комисијата на Клиниката за гинекологија од Скопје претходно дозволила таа дел од турнусите во траење од 12 месеци да ги врши тука и да ѝ биде признаена специјализацијата што ја стекнала на Универзитетот во Белград.

Обвинителството во истрагата утврдиле дека гинекологот од Битола, кој ѝ е сопруг на лекарката, на 1 јануари годинава ја повикал сопругата да изврши царски рез. Другиот гинеколог од битолската болница, пак, не ја спречил туку дозволил таа да учествува во зафатот.

Дополнително, на 4 јануари гинекологот, сопруг на лекарката, во службената книга во која се внесуваат податоци за извршени оперативни зафати отстранил четири страници, а во новоотворениот оперативен дневник внел невистинити податоци.

Делото непостапување според здравствените прописи за време на епидемија, пак, за кое е казнета српската лекарка, е затоа што таа отишла во битолската болница иако во сила била мерка за заштита против ковид-19 со која се забранува движење и посета на болниците од неовластени лица.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk