logo
logo
logo

Атак врз правото на свој збор

УХАПСИТЕ тог Фејсбука!

Vecer | 09.10.2021

УХАПСИТЕ тог Фејсбука!

Првпат по падот на комунизмот во 1989 година, во Македонија беше забрането објавување факти во медиуми! И ова треба да биде најгласна камбана за тревога до каде стигнала лазечката цензура од самопрогласеното министерство за вистината и неговите чудовишни цензори.

Пред само една недела македонската јавност беше шокирана поради случувањата на извидничкиот камп наречен „Есенски бакнежи и прегратки, секс скаутс и рокенрол“, организиран од Првиот скопски извиднички одред и финансиски поддржан од Град Скопје, фондацијата „Отворено општество“ (позната како Сорос) и од невладината организација „Хера“ – Асоцијација за здравствена едукација. Нема да пишувам за грозоморните случки низ кои поминувале учениците, затоа што македонската јавност веќе доволно добро се запозна со сите чудовишни детали од овој настан. Но ќе пишувам за политичката цензура на социјалните мрежи, за громогласниот молк на повеќето медиуми во Македонија, како и за срамните соопштенија на сите наброени поддржувачи на Првиот скопски извиднички одред, како и на Сојузот на извидници на Македонија.

Непобитен факт е дека оваа организација веќе подолго време се занимавала со „сексуално образование“ и организирала серија свои кампови, како и многу настани по скопските средни школи. Исто така, организацијата добила сериозна финансиска поддршка од фондацијата „Отворено општество“ од над 13 илјади долари за „создавање позитивна средина за учење и заштита на животната средина преку неформална едукација за деца и млади во природа“, со кои, меѓу другото, бил организиран и дијаболичниот камп. На оваа поддршка се надоврзал и Град Скопје, како и НВО „Хера“ со „едукативни и информативни материјали“. Исто така, новинарите открија дека вакви кампови се одржувале најмалку од 2019 година, а ниту една од посочените институции и организации не се изјасни за непобитното долгогодишно финансирање на вакви форми на „сексуално образование“ од Првиот скопски извиднички одред (којзнае кои други чудовишта би можеле да излезат доколку се појде во позначајно истражување на финансирањето, не само на „сексуалното образование“ туку и на другите контроверзни теми од „разбудената“ идеологија).

Притоа, да се разбереме, далеку од тоа дека јас тука сакам да бранам некакви застарени викторијански морални вредности или да застапувам некаков палео-конзервативизам. Далеку од тоа… Но на посочениот камп биле загрозени личниот физички и моралниот интегритет на малолетни деца, тие биле изложени на незамисливи притисоци и биле злоупотребени. Опишаните „активности“ на кампот се досега невиден скандал во македонското општество. За случувањата на кампот мора да понесат кривична одговорност не само организаторите туку и сите оние што знаеле за овие грозоморни активности, но не пријавиле во полицијата и во обвинителството. Општествена одговорност носат фондацијата „Отворено општество“, Град Скопје и „Хера“, а покрај тоа и претешка морална одговорност. Довербата на јавноста во експертизата и во самата добронамерност на овие институции и организации е трајно нарушена и тие мора да излезат со детални информации за сите нивни активности, со цел да покажат барем трошка срам пред граѓаните на Македонија.

Наместо тоа, добивме чудни деманти што, всушност, ја потврдуваат врската на Сорос, Град Скопје и на „Хера“ со Првиот скопски извиднички одред, потврдуваат дека го поддржале финансиски и со други средства кампот „Есенски бакнежи и прегратки, секс скаутс и рокенрол“, но се оградуваат од случувањата на самиот камп и, замислете, од некаква висока морална позиција уште и ги подучуваат медиумите како треба да известуваат за овој скандал. Притоа, ниту една од овие организации не смогна сила да ѝ се извини на целата македонска јавност за поддршката на ова монструозна манифестација, како и да побара прошка.

Но, тука не запре целата ујдурма…

Македонските медиуми со право посочија кои организации, како и со колкави средства го финансирале чудовишниот камп. Тоа е и улогата на медиумите во секоја демократија, односно да го фокусираат вниманието на јавноста кон клучните теми, а сексуалното злоупотребување на малолетниците, финансирано од Град Скопје, од фондацијата „Отворено општество“ и НВО „Хера“, се разбира, дека е тема од највисок интерес за сите граѓани на Македонија и сите детали од овој скандал мора да излезат пред судот на јавноста. Меѓутоа, цела недела медиумите не успеваат да ги објават овие факти, да повторам ФАКТИ, на социјалните мрежи затоа што системски се блокираат сите текстови што посочуваат кон настанот и кон одговорноста на поддржувачите на кампот.

Кој стои зад оваа дигитална постмодерна цензура?

Замислете, во Македонија постои министерство за вистина, но не како државна институција (не дај боже повторно да оживеат такви институции кај нас), туку како самоименувана и самопрогласена инквизиција. Нешто што се нарекува фондација „Метаморфозис“ и нешто што се нарекува „Вистиномер“ се избориле да станат македонско министерство за вистина, па тие цензурираат објави и линкови на Фејсбук и на другите социјални мрежи. Притоа, и „Метаморфозис“ и „Вистиномер“ се дел од екосистемот што гравитира околу фондацијата Сорос и другите донаторски извори во Македонија за поддршка на „цивилното општество“, па ни воскресна концептот „кадија те тужи, кадија те суди“ во дигиталната ера, но и сенишната Палата на сништата од истоимената книга на Исмаил Кадаре.

Така што скандалот добива уште повеќе тежина. Притоа, воопшто не е значајно дали самата фондација Сорос ги насочила „Метаморфозис“ и „Вистиномер“ бесрамно да вршат цензура во социјалните мрежи за да се скрие скандалот и за да не пукне и поголема брука или, пак, тие самоиницијативно, како правоверни и надобудни „скоевци“ презеле иницијатива за да ги спасат идеолошките и политичките соборци.

„Ухапсите тог Фејсбука“ извикал некој „разбуден“ од екосистемот на Сорос, „Метаморфозис“, „Вистиномер“ и преостанатите накотени и иштанцани НВО, „мненски водители“, „проверувачи на факти“ и преостанатата грантољубна флора и фауна. Нормално, „ухапсите тог ројтерса“ е симпатична анегдота од времето на југословенскиот социјализам, кога некој партиски моќник разлутено повикал да се поапси никаквецот „Ројтерс“, кој ширел „лаги“, „манипулации“ и „пропаганда“ за однатре да го поткопа самоуправниот социјалистички рај. Сега, пак, неговиот идеолошки, а ништо чудно и биолошки наследник тргнал да го апси Фејсбук.

Ете, тука некаде се наоѓа Македонија, а и целата планета. Кога една филозофија, идеологија или политика е моќна воопшто не ѝ е потребна цензура, а уште помалку цензори. Но кога паѓаат некогаш моќни идеологии, тогаш нивните приврзаници посегнуваат кон цензура, терор и други репресивни форми, но ништо не може да ги спаси. Зарем цензорите на царската Охрана ја спасија царска Русија или, пак, цензорите од КГБ го спасија Советскиот Сојуз, а да не зборуваме колку цензорите на УДБ-а ја спасија СФР Југославија.

Срамното во овој конкретен случај е тоа што цензорите не ја сокриваат само бедата на цела една идеологија и на нивните изведувачи туку сокриваат кривични дела, и тоа грозоморни злосторнички дејства насочени кон нашето најсвето – мирното детство на идните генерации. Што уште треба да се случи за да се вклучи алармот? На Македонија итно ѝ е потребна промена, а потоа и поширока општествена дебата околу сите точки поврзани со образованието. Доста сме поле за експерименти на недоучени неранимајковци!

Ивица Боцевски

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk