logo
logo
logo

Угостителите и музичарите НЕ се откажуваат: НАЈАВИЈА НОВИ ПРОТЕСТИ

Vecer | 19.02.2021

Угостителите и музичарите НЕ се откажуваат: НАЈАВИЈА НОВИ ПРОТЕСТИ

Угостителите, фотостудијата и музичарите денеска на протест во Скопје побараа да се укине забраната за работа на рестораните за свадби и други свечености и да работат по одредени протоколи. Тие се незадоволни од петтиот пакет антикризни мерки, во кој, како што изјавија, се заборавени од страна на Владата.

– Ние немаме ограничување во дејноста, имаме забрана за вршење на нашата примарна дејност за која сме ги отвориле објектите и доколку работиме треба кривично да одговараме. Пет месеци од сопствени средства пуштаме плати за нашите вработени, а државата ни помогна шест месеци. 11 месеци од сопствени средства плаќаме камати на кредити, кирии, комунални трошоци, осигурување, обезбедување и останати режиски трошоци. Бараме да работиме под најригорозни протоколи, изјави Перица Голомеиќ на денешниот протест во Автокоманда.

Нагласи дека се работи за категоризирани објекти кои располагаат со големи капацитети и имаат можност да организираат настани на кои би се запазиле сите протоколи.

– Апелираме на донесување на протокол со временска динамика кој е од исклучително значење за идните младоженци, но и за нас и за сите комплементарни дејности. Споредбено со регионот, ние сме единствена земја која не доби протокол за организирани настани цела година, а поддршката – субвенционирање на плати и придонеси, како и еднократниот грант, е убедливо најниска директна помош во нашиот сектор во регионот, рече Голомеиќ.

Бараат од Владата да направи посебен пакет за рестораните за организирање настани и за ноќните клубови

– Будно ја следиме епидемиолошката состојба во државата и свесни сме за моменталната состојба. Поради тоа во првата фаза не бараме да ни се дозволи да организираме „традиционална македонска свадба” , единствено бараме да можеме да работиме под истите услови и протоколи како и останатите a la carte ресторани. Овие барања се од суштинско значење за нашиот опстанок имајќи го сезонскиот карактер на нашата дејност, нагласи Голомеиќ.

Најавуваат продолжување на протестите од понеделник во Скопје и во другите градови се додека не се исполнат нивните барања.

Денеска, премиерот Зоран Заев, одговарајќи на новинарско прашање, рече дека како Влада се отворени за разговор и разгледување на сите детали, а министерот за економија Крешник Бектеши изјави дека го поддржува правото на протест, но не се согласува со ултиматуми. Посочи дека во четвртиот сет на економски мерки имало директни грантови за угостителите кои организираат свадби.

-И во минатото, и сега со петтиот сет економски мерки, покажуваме дека ниедна дејност нема да биде изоставена, вклучувајќи го и угостителството. Не се согласувам со ултиматумите што беа испратени, а би ги охрабрил граѓаните да го кажуваат нивното мислење преку демократски начини како што се и протестите. Ние ќе бидеме тука како Влада да им помогнеме на граѓаните и на бизнисот со цел да ја поминеме пандемијата со најмали последици, рече Бектеши на прес-конференција одговарајќи на новинарско прашање.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk