МАФИЈАШКА ПРЕСМЕТКА ВО КУМАНОВО

Убиен Сашо Димитровски - Боксер

СОПСТВЕНИКОТ НА КАФЕАНАТА "ЕВРОПА", ДИМИТРОВСКИ, НАВОДНО ГО ЛИШИЛЕ ОД ЖИВОТ, ПЛАТЕНИ УБИЈЦИ ОД КОСОВО

Тресетина минути по полноќ, вчераноќ, во кафеаната "Европа", лоцирана во близина на Автобуската станица “Куманово", две засега непознати лица, со повеќе истрели од огнено оружје го раниле сопственикот на кафеаната Сашо Димитровски - Боксер (45) Димитровски од здобиените повреди починал на самото место. Увид на местото на настанот изврши истражен судија при Основниот суд Куманово, заменик јавен обвинител, увидна екипа на СВР Куманово и Институтот за судска медицина, по што телото на убиениот е предадено на обдукција. Кумановската полиција презема интензивни мерки за откривање и фаќање на сторителите кои веднаш по настанот се дале во бегство.
Со оваа кратко соопштение кумановската полиција првично ја објасни оружената престрелка, која во четвртокот ноќта се случи во кумановската кафеана “Европа". Другите информации полицијата не ги соопштува во интерес на истрагата.
Неофицијално, очевидците велат дека целиот настан се случил многу бргу и изгледал професионално. Половина час по полноќ, Димитровски во придружба на уште две лица седел во летната бавча на својата кафеана. Тогаш пред “Европа" пристигнало возило "опел астра" од кое излегле две вооружени лица. Тие се доближиле до дрвената ограда на летната бавча и веднаш од автоматските пиштоли стрелале во Боксерот.
Тој бил погоден со барем осум куршуми од кои загинал наместо. Кафеаната и стаклата на локалот биле изрешетани, а двајцата пријатели кои седеле со Боксерот, поминале неповредени што укажува на тоа дека сторителите убиството го извршиле професионално. По убиството, напаѓачите испукале неколку куршуми во воздух како предупредување до другите (некои велат дека имало и полицајци во блиска бурекчилница), влегле во возилото и избегале од местото. Кумановската чаршија за идентитетот на убијците шпекулира дека биле двајца Косовци и еден македонски државјанин, а биле платени од кумановец - Албанец. Шпекулации има и во однос на тоа дека Боксерот можеби знаел или насетувал што му се подготвува. Присутни во кафеаната тврдат дека вечерта Сашо бил многу нервозен, ја искршил рампата на Автобуската станица и им ги дупнал гумите на неколку паркирани возила пред кафеаната. Сашо Димитровски - Боксер е познат на кумановската јавност. Во минатото бил спортист, познат и признат боксер од седумдесеттите и осумдесеттите години. Димитровски беше освојувач на многу трофеи и миленик на кумановската публика. Сашо-Боксерот беше во блиски врски и со локалните политички моќници, а неговото име беше споменувано во повеќето случувања за време на изборите во Кумановско. Конфликтите на Боксерот со лица од "кумановскиот асфалт" резултираа со два претходни обиди за негово убиство, првиот во 2001 пред кумановската гимназија, а вториот во 2003 во една чајџилница. Во двата случаи Сашо Димитровски преживеа, но загинаа две млади момчиња како случајни жртви.

Игор БАЈДЕВСКИ

Поврзани

Најнови вести

Коментари