ОРУЖЕН ИНЦИДЕНТ ПРЕД НОЌНИОТ КЛУБ "ЛИНКА" ВО КУМАНОВО

Убиен е Горан Георгиевски - Мујо

Триесет и шестгодишниот Горан Георгиевски - Мујо е убиен вчераноќ во инцидент што се случи пред ноќниот клуб "Линка", на улицата "Иво Лола Рибар", во Куманово. Убиен е и дваесет и шестгодишниот Ненад Вељковски - Чавка. Мујо починал на самото место, а Ненад во болница, во Скопје. Со прострелни рани се здобиле Роберт Иванов (34) и сопружниците Драган Илиќ (34) и Марина Илиќ (33). Роберт е ранет во нога и е хоспитализиран во Клиничкиот центар. Неговата здравствена состојба по направената хируршка интервенција е стабилна, велат од Клиниката за интензивна нега. Драган и Марина, пак, се ранети во раката и во рамото и по укажаната медицинска помош се пуштени дома. Во Мујо, Ненад, Роберт, Драган и Марина и во уште четворицата други кои таа ноќ биле пред "Линка", пукал Горан Стојановски, газдата на локалот. Стојановски во моментов е во бегство и по него е распишана потерница за приведување. На убиство, според официјални информации од МВР му претходела расправија меѓу убиените и нивните пријатели, од една, и Марко Стојановски (21), синот на одметнатиот Горан Стојановски, од друга страна. На местото на злосторството е извршен увид, а по наредба на истражен судија телата на починатите се предадени на обдукција. Се се случувало петнаесетина минути по еден часот, потврдуваат очевидци за "Вечер". Мујо со пријателите дошол пред "Линка". Ги паркирале возилата на тротоарот, излегле од нив и сите заедно се качувале по скалите за да влезат во ноќниот клуб. Но биле спречени од Марко Стојановски, кој без какво било објаснување не му дозволил на Мујо да влезе внатре. Постапувал, рекол Марко пред присутните, по наредбите на татко му. Тогаш, според информациите што ги добивме од неколкутемина сведоци, Георгиевски се симнал долу и почнал да се расправа со "газдата". Во тој момент на Мујо, одзади, му пришол Горан Стојановски и четирипати му стрелал в грб. Тој пукал и во другите од групата кои стоеле понастрана. Ненад го погодил в глава, Роберт во ногата, а Драган и Марина во раката и рамото. Потоа дошол до Мујо, кој веќе лежел мртов на земја, и од половина метар растојание, по "белградски рецепт", го "оверил" со уште три куршуми в стомак. Веднаш по настанот Горан Стојановски со сопствено возило се дал во бегство, а СВР Куманово презема мерки да го пронајде и уапси. Кумановската полиција во текот на вчерашниот ден повика на информативен разговор неколку лица-очевидци на двојното убиство, и презема интензивни активности за целосно расчистување на случајот, извести Даница Јовановска, началник на секторот аналитика. Според полицијата, а во врска со настанот, Горан Стојановски поседувал пиштол и за него имал дозвола, но не е утвредно дали е пукано токму од тоа оружје. Горан Георгиевски-Мујо е поранешен мајор во единицата за брзи интервенции - "лавови". За него годинава немало ниту кривична пријава, ниту била распишана потерница. И.Б

Поврзани

Најнови вести

Коментари