"ДИРИГЕНТОТ" ПОВТОРНО МАВТА СО СТАПЧЕТО

Уапсени педесетина членови на Франкфуртската мафија

И покрај неколкуте акции во кои беа уапсени стотина лица вклучувајќи и клучни членови на оваа криминална група, Франкфуртската мафија се уште функционира благодарение на агресивната регрутацијата во Македонија

Педесетина приведени е епилогот на вчерашната координирана полициска акција што беше изведена во Македонија и во Германија, а насочена кон т.н. Франкфуртска мафија. Осомничените, повеќето македонски државјани, биле дилери на хероин во Австрија или пак преку свои фирми ги переле парите од продажбата на дрога и ги враќале во криминалната група или пак ги препраќале во Македонија.

Од МВР вчера кусо информираа за акцијата, која до затварањето на весникот се уште беше во тек, и ги потврдија апсењата.
- Изминатата година македонската полиција, во соработка со германската служба за борба против дрога работеше на обезбедување дополнителни докази за групите што се занимаваат со трговија на дрога. Последната акција опфаќа 50 лица, изјави Иво Котевски, помошник-министер за односи со јавноста во МВР.

Засега е познато дека во неколку градови во Македонија се уапсени дванаесет осомничени, а тројца успеале да и побегнат на полициската потера. Станува збор за криминалци од повеќе градови како Скопје, Струга, Велес, Штип, Свети Николе, Битола и Куманово. Шестмина од уапсените биле задолжени за продажба на дрогата, хероин, додека останатите преку своите фирми ги переле парите. Во моментот полициски инспектори ги тресат нивните домови, но и фирми.

Во Франкфурт се уапсени триесет и седуммина осомничени од кои деветнаесетмина се македонски државјани под истите сомненија, продажба на хероин и перење пари.
Засега не е познато колкаво количество дрога успеале да продадада приведените ниту пак колкава сума на пари е испрана преку фирмите на нивните соработници, а
МВР најави повеќе детали за наредните денови.

Ова е трета акција против т.н. Франкфуртска мафија, а досега во Македонија, Австрија и Германија се уапсени над 400 лица, кои повеќето се македонски државјани, а голем дел од нив добија и затворски казни вклучувајќи неколку клучни фигури и водачи. Запленети беа неколку стотици килограми дрога, претежно хероин, како и големи суми пари.
Сепак, оваа криминална група се уште успева да опстане благодарение на агресивната регрутација којашто ја вршат нејзините членови во Македонија.

Нивната организација и поставеност на теренот им овозможува непречено функционирање. Тие оперираат во групи, независни една од друга но координирани од повисоко рангиран член, а во некои случаи членовите на една иста група не се познаваат меѓусебно.
Првата акција против Франкфуртската мафија, која го доби оперативното име Диригент" беше изведена во 2010 година кога беа уапсени 26 лица меѓу кои и беа и Спасе Димовски - Ајдукот и Зоран Манасков - Скршениот, за кои се утврди дека се организатори и лидери на оваа криминална група. Тие минатата година беа осудени на долгогодишни затворски казни. Во меѓувреме, во пресметка во Скопје беше ликвидиран Јордан Јордановски 'Ркулот, десна рака на на двајцата уапсени.

Кон крајот на 2011 година, австриската полиција изведе акција во Виена, во која имаше неколку десетици уапсени, а во која учествуваа инспектори од македонското МВР, односно од ОНТД.
Второто продолжение на Диригент", во јануари оваа година, резултираше со апсење на 43 лица во повеќе градови во државата кои беа задолжени за купување и транспорт на хероин кон Виена и за регрутација.

Поврзани

Најнови вести

Коментари