logo
logo
logo

Уапсен најбогатиот овчар Иснифарис Џемаили

Vecer | 23.01.2013

Уапсен најбогатиот овчар Иснифарис Џемаили

Најпознатиот и најбогат овчар во Македонија, Иснифарис Џемаили (67), деновиве бил уапсен од припадниците на единицата "Алфа" и спроведен на издржување на затворска казна, соопшти МВР. Тој во аферата "Бачило" беше осуден на три и полгодишна затворска казна поради перење пари и извесно време беше во бегство, во Турција.

Овчарот од Камењане беше клучната фигура во мега скандалот "Бачило", во којшто со фалсификувани документи и искази беше утврдено дека хеликоптерите на АРМ го гранатирале неговото бачило, за што беше пресметана и исплатена огромна сума како надомест на штетата.

Истрагата покажа дека мозокот на целата измама биле тогашниот заменик-министер за економија Саша Андоновски и нотарот Никола Стојменовиќ. На обвинителната купа покрај овие тројца се најдоа уште нотари, адвокати, ветеринари и полицајци. На крајот беше утврдено дека со парите префрлени на сметката на Џемаили требало да се купува земјиште во центарот на Скопје, а за својата улога тој добил вносен финансиски бонус.

Судскиот процес заврши со затворски казни за сите учесници во аферата, Стојменовиќ беше осуден на 14 години затвор, Џемаили на четири и пол, а Андоновски на три, но во април 2008 година казните им беа намалени.

Со пресудата беше запленет имот и беа замрзнати неколку банкарски сметки чии сопственици беа обвинетите. Вредноста на овие сметки беше проценета на околу еден милион евра за да се наплати барем дел од штетата од овој скандал.

Агенцијата за управување со запленет имот кон крајот на минатата година најави дека становите на Џемаили, купени во зградата во скопската населба Чаир, и дуќани во Старата скопска чаршија кои беа запленети со судската пресуда, набрзо ќе се најдат на лицитација.

Од МВР информираат дека во акцијата покрај Џемаили биле уапсени уште шестмина скопјани осудени на затворски казни во висина од една до три и пол години за сторени тешки кражби.

(О.Ч.)

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk