Ако нема заедничка историја, нема ни поддршка за ЕУ

Tуш од Бугарија: Постарите македонски граѓани се свесни за бугарската позадина на постоењето

Бугарскиот предводник во заедничката работна група која треба да ја чисти македонската историја, од ,,идеолошките примеси и заблуди" во однос на улогата на Бугарија во македонската државност и самостојност, Ангел Димитров, речиси секојдневно за бугарските медиуми ги изнесува ,,заблудите" на Македонија и ,,вистината" за улогата на Бугарија на овие простори.

За разлика од него и бугарската пропагандна машинерија, кај нас никој од членовите на работната група не излезе со било каков став, како ќе пристапат во овие разговори и која е ,,црвената линија" во чистење на нашите историски учебници.

Претседателот на македонската комисија д-р Драги Ѓорѓиев, директор на Институт за национална историја и член на МАНУ, не е познат за пошироката јавност, а досега нема дадено изјава околу преговорите со бугарската комисија.

Од друга страна, поранешниот амбасадор на Бугарија во Република Македонија , историчарот Ангел Димитров, за бугарската јавност многу детално ги образложува сите ,,заблуди" на македонската страна, а неодамна во интервју за бугарски ,,Дневник", експлицитно наведува дека ако нема договор за историска катарза во македонските учебници, нема да има и поддршка од Бугарија за Македонија за евроатлантските аспирации.

За опасноста и последиците од Договорот за добрососедство со Бугарија, ако може така веќе да се нарече, во својата последна колумна ,,Хаубици од Бугарија", за Дојче Веле укажува и новинарот Љупчо Поповски. Тој вели:

,,Кога шефот на бугарскиот дел од мешовитата историска комисија вели дека партизанските единици и народната војска во Втората светска војна броеле едвај 1.000 до 1.500 души, тоа е лоша најава за соочување со фактите"-пишува Поповски.

Во продолжение ви пренесуваме поголем дел од интервјуто на историчарот Ангел Димитров, за бугарскиот весник ,,Дневник":

Прашање:Кои се основните проблеми од историјата кои ќе ги ставите за разгледување на маса? Кои митови ќе се обидете да ги отворите?

Ангел Димитров: Не сме се сретнале со македонските колеги, не ги знаеме нивните гледишта за текот на разговорите. Па затоа е премногу рано да се влезе во конкретни работи што може да ја попречат работата во иднина.

Се разбира, имаме идеи, но тие не се нешто завршено и конечно.

Јас целосно го разбирам интересот за оваа тема, тоа е оправдано бидејќи темата е исклучително важна. Најмалку затоа што стотици илјади Бугари се роднински и крвно повразани со Македонија. И не помалку се оние чии роднини ги оставија коските во Македонија за време на Првата светска војна. Ако земеме чисто од политичка гледна точка, конфигурацијата на Балканот се промени со распадот на Југославија и појавата на Република Македонија како независна држава.

Значи, за нас како историски, така и современи политички гледано, ако сакате и емотивно, Македонија како субјект и Република Македонија како соседна држава остануваат важно прашање. Бидејќи проблемите акумулирани во текот на годините поради антибугарските митови и стереотипи создадени во времето на Југославија и доктрината на македонизмот, и понатаму се пречка за целосна билатерална комуникација.

П: Кои теми, општо, ќе бидат предмет на разговор?

Ангел Димитров: Ќе ви укажам на исклучително важен тематски круг, кој има директно значење за интерпретацијата на минатото, за кое мислиме дека е заедничко минато. Овој спектар на прашања е во центарот на доктрината на македонизмот и го попречува нормалниот развој на односите меѓу Бугарија и Република Македонија, меѓу луѓето од двете страни на границата. Станува збор за генезата и патот што е преминат на создавање на модерни нации – се верува дека македонскиот народ постои и има основа за таков идентитет. Но, ние треба да размислуваме, да дискутираме и да видиме како да најдеме прифатливо објаснување за овој процес. Историјата како наука започнува од фактите и нивното толкување, но тоа не значи дека секој може слободно да ги толкува фактите, според желбата, според политичките околности и некои групни интереси.

Кога зборуваме за генезата, треба да знаеме дека во современата Македонија постои неизвесен идентитет, поради неколку луѓе кои ја создаваат генезата за постоење на македонска нација.

По 1944 година беше силно наметната тезата дека Македонците се посебен словенски народ, кој секогаш бил нешто самостојно, отсекогаш бил нападнат и асимилирани од соседите. Ова беше класична теза на македонизмот. Се разбира, во дел од македонското население, кое не е толку младо, се задржува генеричкото сеќавање и тие скриено знаат за бугарската позадина на постоењето.

Во исто време, имаше и еден слој на население во Вардарска Македонија, што беше под силно српско влијание меѓу двете светски војни. Иако не се многубројни, но се силни, бидејќи се фаворизирани од властите. Овие луѓе, по формирањето на комунистичка Југославија, ја прифатија промената и развија посебен југословенски идентитет.

Во текот на изминатите дваесет години, за првпат, првин срамежливо, се разви идејата за директна врска со античките Македонци . Во последниве години речиси стана формална теза за време на владеењето на Никола Груевски.

Јас ја споменувам несигурноста во идентитетот, бидејќи исто така се негува некаква компензаторска агресивност во одбраната, а тоа силно влијае врз однесувањето на некои македонски граѓани.

Ние треба да разговораме со македонските колеги – со научни аргументи во сериозна дискусија, за да сфатат дека бугарската страна може да се однесува со разбирање за процесите кои поминале во Вардарска Македонија, во денешната Република Македонија, минувајќи низ сите фази . Има разбирање за овие процеси, за она што се случило и како се формирани ставовите во оваа област.Но, тие треба да бидат свесни дека до 1944 година нема спротивни тези меѓу Бугарија и населението на некогашната Вардарска бановина, сега Република Македонија. Наводите за некоја конфликтна приказна се апсолутно измислени, тоа е пропагандна теза. Конфликтот е помеѓу бугарските аспирации за зачувување на правата на македонските Бугари и српската политика за денационализација таму. Во оваа смисла, историјата на поголемиот дел од локалното население во Вардарска Македонија(мисли на Република Македонија) и Бугарија не престана да биде вообичаена. Сакаме со факти да покажеме дека имаме заедничка историја. Но, ние треба да разбереме што не дели. И навистина не раздвојува од комунистичкиот период, што ја прави својата нова интерпретација на минатото, полна со новини и негирање на историски митови.

П:Кои други митови сакате да ги преиспитате?

– А.Д.: Другиот понов мит создаден во оваа комунистичка ера е дека Македонија самата се ослободила, дека имало силен отпор и дека дошла самата до својата државност. Ова доаѓа како негирање на улогата на бугарската војска во протерувањето на Вермахтот од Вардарска Македонија.

Но, вистината е сосема поинаква – глобалниот тек на воена акција ја прави Југославија слободна, а локалните партизани во Македонија се незначителни. Дури и германските документи покажуваат дека не ги гледаат како сериозен непријател и дека нивниот единствен непријател(на фашистичка Германија) е бугарската војска. Ова се вистинските факти.

Друга страна на пропаганда, базирана на идејата за самостојност, на свој начин и на државност, е барањето за малцинствата надвор од Република Македонија. Јасно е наведено во Договорот за соседство дека нема да има повеќе барања и ова е крај на каква било пропаганда поврзана со ова прашање.

Сепак, ние многу јасно сакаме со нашите колеги да ги разјасниме феномените, настаните, фактите кои веќе биле побиени од текот на историското време. Тоа е како и на кој начин е формирана современата нација, како и од каде доаѓаат директивите за преземените дејствија, како и на кој начин бугарските комунисти стигнуваат до националното предавство направено под силниот притисок на Москва, не само на Титова Југославија. И како се шпекулира со идејата за Балканска федерација.

Ова се работи што имаат историска димензија и мораме да ги дебатираме за да им дадеме реално објаснување. Ова треба е поврзано со образованието на младите генерации во Македонија, треба да биде многу јасно дека Бугарија не е и не може да се прогласи за непријател на Македонија. И постојат околности и надворешни сили кои ги обликуваат конфликтните ситуации.

П: Како против негативните тенденции и размислувања во Македонија?

А.Д. - На пример, прашањето за окупацијата на Вардарска Македонија од страна на бугарската војска. Да, не можеме да се спротивставиме на зборот "окупација", бидејќи тоа е толку формално од меѓународна гледна точка. Но, само во правна смисла, не треба да се претпостави дека, кога станува збор за окупација, Бугарите се непријатели на Македонија, а не на Југославија, на Србите кои во тој момент владеат со територијата. Ако учебниците кажуваат дека локалното население всушност ги пополнива редовите на армијата и бугарската администрација, дека има формирано комисии за прием, па дури и локални комунисти се вклучени, тоа ќе ги промени сфаќањата.

И тука се некои од фактите околу т.н. окупација. Бугарија се задржува подолго време – 3-4 годиникога е воена ситуација во Вардарска Македонија. Истото важи и за Првата светска војна. Во 20 век, бугарската влада беше таму само во време кога државните закони не можеа целосно да се спроведат. А Македонија како територија на фронтот, страда од одредени закани. Но, тоа не е проблем и суштината на односот помеѓу власта и локалното население. Огромното мнозинство мажи всушност активно учествуваат во бугарската војска, некои од нив на фронтот, но повеќето од нив се користат за воспоставување ред во државата.

Значи, тезата дека Бугарија е некој вид на окупатор е незначителна. Ниту една окупаторска држава нема да ја довери власта, фронтот и што се случува внатре во државата на локалното население. Истото се случи и за време на Втората светска војна, исто како и за време на пропагандата во комунистичкиот период во Бугарија за да се тврди спротивното. Дури и тогаш не постои конфликт меѓу мнозинството од населението во Македонија и бугарските власти.

Други митови формирани за време на комунистичка Југославија – т.н. отпор против бугарските окупатори. Овој отпор, всушност, се состои од герилците(партизаните) на Тито, под раководство на српските емисари. Бројот на т.н. борци за македонската комунистичка држава се околу 1000-1500 луѓе, партизанските бази се претежно надвор од територијата контролирана од бугарските власти, администрацијата и армијата. Тие прават одредени вооружени акции, но без вистинско воено значење за промена на ситуацијата. Не станува збор за масовно учество и учество на голем дел од локалното население.

П:Разговорите ќе бидат тешки, како можат да се менуваат ставови, со години?

А.Д.: Мораме да најдеме добар почеток за да започнат разговорите. И веќе во текот на дискусијата, во тематските кругови ќе ги поставиме сите важни прашања. Во професионален разговор колегите ни од Скопје треба да ги напуштат пропагандните клишеа и да презентираат научни аргументи.

Но, таму се уште има структури, контролирани однадвор, Белград има долга рака во Скопје, Москва има свои силни амбиции, за да го зголеми своето влијание на Балканот. И ако зборуваме за елементарен начин, ништо нема да се случи.

П: Запознавте ли веќе со составот на македонската комисија, ќе најдете ли заеднички јазик?

А.Д.:Составот на нивната комисија е од средната генерација историчари, дури има и помлади, не се оптоварени со афирмацијата на доктрината на македонизмот како постарите, не работат на границата меѓу науката и пропагандата. Тоа се луѓе кои веќе не би требало да останат во заробеништво на стереотипи и митови на догмата.

Не можам да кажам дека сум охрабрен – Јас сум реалист. Тие неизбежно ќе бидат подложени на многу силен внатрешен притисок. Затоа ние така треба да ги водиме разговорите, тие да разберат дека сме целосно добронамерни. Ние не сакаме да направиме нешто да наштети на државата Република Македонија, на нејзината иднина, а токму спротивното – да им помогнеме за нивната иднина.

Разбирам песимистите кои стравуваат дека во Македонија може да се случат политички промени кои ќе ја направат невозможна реализацијата на Договорот за добрососедство. Како и други, кои сметаат дека европската и евроатланската ориентација и изјавите за промена од властите се недоволно искрени.

Но човек не тргнува да прави нешто, ако претходно смета дека е осуден на неуспех. Знаеме за тоа, како и за одговорноста која ја преземаме.

П:Сепак која е крајната цел – да се преиспува сопствената позиција за Бугарија, да се пишуваат нови учебници, да се менуваат ставовите?

А.Д.: Комисијата не е само строго научна, ќе работиме и во политички контекст – прво, затоа што е во функција на договорот, второ, затоа што одговараме пред владите. На крајот на секоја година ќе има седници на двете влади и ќе се гледа она што е направено.

Нашите главни цели се во овие научни дискусии да дојдеме до согласност за значењето на нашата заедничка историја. На она што е заедничко меѓу нас. Дека кога станува збор за населението на Република Македонија, а не за Југословенската држава, не кралска Србија, меѓу нас никогаш немало конфликти. Напротив – во клучните драматични моменти, двете Светски војни, Првата балканска војна мнозинството од македонското население учествува во бугарската армија. Притоа со задоволство и со желба да бидат бугарски војници.

Нашите колеги се надевам ќе се разбере, дека со одговорна и професионална работа ќе помогнат за создавање на нова атмосфера во Македонија. Треба да ги омекнеме формулациите, да ги направиме вистинските промени во учебниците. Бидејќи од тоа како се воспитуваат помладите генерација зависат идните резултати и односи.

П:Мислите ли дека во Македонија веќе има желба да се исчистат наслојките на пропагандата? Колку време ќе биде потребно?

А.Д.:Се уште не може да се зборува дека има таква водечка тенденција. Треба самите локални институции и особено медиумите, да започнат да создадат нова јавно мислење.Тука е и многу важна улогата на политичките структури. Треба да ги стимулираме да работат за промена на јавното мислење.

П:А ако пропаднат разговорите?

А.Д.:Ако воопшто не одат разговорите, бидејќи тие се во политички контекст, ќе најдеме начин освен да зборуваме за минатото, да зборуваме и за иднината. И тие треба да бидат свесни дека без ојаа самокритична анализа која ја очекуваме од нив и која е целосно оправдан – тоа не е желба за некаква безусловна капитулација на нашите колеги, – европскиот пат на Република Македонија останува неизвесен. Таа нема да го добие нашето одобрување, ако се блокираат овие разговори.

Ние не сакаме да се откажат од себе, тие се самостојна држава, нека бидат нација, како што сакаат, но треба да знаат како е формирана оваа нација, каков е нејзиниот историски живот, кои се нејзините пријатели и непријатели. Да ја остават пропагандата. Зашто од нас тие не можат да очекуваат одобрување на она што е историски неточно и политички опасно"-заклучува шефот на преговарачкиот бугарски тим за НАШАТА ИСТОРИЈА, ДРЖАВНОСТ И ИДЕНТИТЕТ, историчарот и поранешен амбасадор во Македонија, Ангел Димитров.

Покрај Драги Ѓеорѓиев, од Институтот за национална историја (ИНИ) на УКИМ, како претседател на македонската комисија, членуваат и професорите од ИНИ – Ванчо Ѓорѓиев, Петар Тодоров, Дарко Стојанов, како и историчарот Александар Литовски од Националната установа Завод и музеј – Битола. Членови на Комисијата се и професорката Љубица Спасовска, научен соработник на Универзитетот во Ексетер, Велика Британија и Љупчо Ристески – антрополог, професор на Институтот за етнологија и антропологија на УКИМ.

Поврзани

Најнови вести

Коментари