Денес сум на средба со земјоделците во општина Крушево, поточно во населеното место Бучин. Од она што сакам да го пренесам и да ги информирам медиумите и јавноста е дека и овде како и во другите делови на Република Македонија имаме загрижувачка состојба со секторот земјоделство. Земјоделците и во овој регион потенцираат дека и оваа година имаат сериозен проблем со пласманот на земјоделските производи и меѓу другото оние субвенции кои што треба да ги добијат од државата , не се ниту навремени, ниту пак се исплатени во целост на земјоделците, порача Цветан Трипуновски, претседател на Комисија за земјоделство, шумарство и водостопанство на ВМРО-ДПМНЕ.

– Практично каде и да се појавиме во Република Македонија, катастрофалните и погубните политики на власта секаде се чувствуваат. Покрај моменталната економска ситуација, двоцифрена инфлација, поскапиот живот, земјоделците се соочуваат со необезбеден пласман и се доведува во прашање егзистенцијата во наредниот период кој ќе биде исклучително тежок.

Она што сакам да го упатам како апел од овде и онаа критика која што ја најавија земјоделците од овој регион, е новиот модел на субвенционирање кој што го презентира власта за од 2023, дека ќе биде уште полоша ситуацијата и ќе ја усложни состојбата и од овие години во кои се наоѓаат земјоделците. Тој нов модел на субвенционирање практично е неприфатлив и ќе значи дополнително намалување и на субвенциите и згаснување на земјоделството како гранка, рече Трипуновски и посочи дека апелот до власта е уште еднаш да се преиспита во делот на новиот концепт на субвенционирање, а она што значи конкретни мерки е во наредниот период до крајот на годината да ги доисплати сите субвенции што ги нема исплатено и за сточарите и за полјоделците и за сите оние земјоделците кои егзистираат во овој регион.